Куќата на наркобосот „Ел Чапо“ на лотарија во Мексико

Куќата од која избега наркобосот Хоакин Ел Чапо Гузман во 2014 година, откако во неа упаднаа безбедносните сили за да го уапсат, ќе биде една од наградите на лотарија во Мексико.

Фото: ЕПА

Имотот, лоциран во Кулијакан, во државата Синалоа, беше сцена на едно од драматичните бегства на Гузман, кога тој избега од полицијата користејќи подземен тунел. Вредноста на двособната куќа со бела фасада, која однадвор не изгледа луксузно, се проценува на околу 184 илјади американски долари и ќе биде извлечена на лотарија на 15 септември, ден пред Денот на независноста на Мексико, пишува Би-би-си.

Гузман, озлогласениот поранешен лидер на картелот Синалоа, издржува доживотна казна затвор во САД. Станува збор за еден од најголемите дилери на дрога во САД, кој во 2009 година беше на 701. место на листата на Форбс за најбогати луѓе во светот, со имот што се проценува на една милијарда долари.

Гузман, кој избега од максимално обезбеден затвор во 2001 година, беше пронајден од мексиканските маринци во оваа куќа на 16 февруари 2014 година. Откако успеа да избега низ тунел под кадата што беше поврзан со одвод, беше уапсен подоцна во градот Мазалтан, исто така во државата Синалоа.

„Ел Чапо“ во 2015 година повторно избега од затвор, преку тунел ископан под тушевите, но беше уапсен шест месеци подоцна. Тој беше екстрадиран во САД во 2017 година, а две години подоцна беше осуден на доживотен затвор за дистрибуција на кокаин и хероин, поседување огнено оружје и перење пари. На неговото судење, сведоците рекоа дека еднаш закопал жив човек, како и дека дрогирал и силувал 13-годишни девојчиња.

На лотаријата ќе биде понуден и имотот што му припаѓаше на поранешниот лидер на картелот Хуарез, Амад Кариљо, во луксузната населба Ел Педрегал на југот на Мексико Сити. Се проценува дека вреди околу 3,8 милиони долари. Наградниот фонд вклучува 22 недвижнини, со вкупна вредност од 12,5 милиони долари.

Во мај, претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор рече дека собраните пари „ќе им се вратат на луѓето“ и „ќе помогнат да се купат вакцини против коронавирусот“.

Владата одржа слична лотарија во 2020 година, а главната награда тогаш беше претседателскиот авион. Сепак, специјално опремениот боинг 787 дримлајнер не успеа да се продаде и стана извор на потсмев затоа што луѓето се прашуваа што би можеле обичните Мексиканци да прават со ваков авион.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе