„Ние не сме суперхерои, ние сме револуционерни лекари“

Кубанска лекарска бригада ѝ дојде на помош на Италија (ВИДЕО)

Комунистичка Куба соопшти дека викендов првпат испратила бригада од лекари и медицински сестри во Италија за да помогнат во борбата против новиот коронавирус, откако биле повикани од најтешко погодениот регион Ломбардија.

Од револуцијата во 1959 година карипскиот остров почна да ги праќа своите „војски во бели мантили“ на локациите погодени од катастрофи низ целиот свет, најмногу во сиромашните земји. Нивните лекари беа во првите редови во борбата против колера на Хаити и против ебола во Западна Африка во 2010-тите.

Со својата бригада од 52 луѓе, ова е првпат да го испраќа својот контингент за итна помош во катастрофи во Италија, една од најбогатите земји во Европа, покажувајќи го досегот на својата медицинска дипломатија.

Тоа е шеста медицинска бригада што Куба последниве денови ја испрати во странство за борба против ширењето на новата болест.

Таа прати контингенти до социјалистичките сојузнички Венецуела и Никарагва, како и на Јамајка, Суринам и Гренада.

„Сите се плашиме, но мора да ја исполниме нашата револуционерна должност, затоа стравот го оставаме настрана“, рече Леонардо Фернандез (68), специјалист за интензивна нега, пред заминувањето на неговата бригада.

„Кој вели дека не се плаши е суперхерој, но ние не сме суперхерои, ние сме револуционерни лекари“, рече тој.

Фернандез рече дека ова ќе биде негова осма меѓународна мисија, вклучително и една во Либерија за борба против еболата.

Кубанските лекари ги повикал шефот за социјална помош на Ломбардија, Џулио Галера.

„Ќе извршиме почесна задача заснована врз принципот на солидарност “, рече 64-годишниот Грацилијано Дијаз.

Куба, со економска помош на поранешниот сојузник Советскиот Сојуз, изгради здравствен систем на кој светот во развој му завидуваше, иако некои од достигнувањата беа загубени по пропаста на комунистичкиот блок.

Во многу кубански болници ситуацијата не е добра и на Кубанците им е тешко да добијат лекови, состојба за која владата вели дека во најголем дел се должи на повеќедецениските санкции од САД, иако аналитичарите ја обвинуваат и неефикасната државна економија.

Сепак, Куба има една од највисоките стапки на лекар по жител во светот, дури и кога ќе се исклучат лекарите во странство, а со своите лекарски бригади за помош во катастрофи Хавана продолжува да стекнува наклонетост низ целиот свет.

„Во време на криза, кубанската влада, кубанскиот народ... ја слушнаа нашата жалба и одговорија“, рече министерот за здравство на Јамајка, Кристофер Тафтон, во саботата пречекувајќи 140 кубански медицински експерти на меѓународниот аеродром Кингстон.

Обединетото Кралство, исто така, минатата недела ѝ се заблагодари на Куба што дозволи британски крузер кого го одбија неколку пристаништа на Карибите да се вкотви кај островот и да се евакуираат повеќе од 600 патници на бродот.

Во меѓувреме, Куба, позната по подготвеноста за катастрофи, ги зајакнува и мерките дома за да ја запре инфекцијата со коронавирус. Досега се потврдени дваесет и пет случаи.

Претседателот Мигел Дијаз-Канел доцна во петокот објави дека земјата од денеска ќе ги затвори своите граници за странците, што претставува голем удар за туризмот, еден од главните двигатели на економијата.

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе