Новите американски санкции против Москва поради руската интервенција во Украина вчера беа насочени кон руските банки и елити, вклучително и ќерките на Путин, Катерина и Марија, за кои американските власти веруваат дека го кријат богатството на својот татко.
„Се разбира, ние веруваме дека овие санкции сами по себе се продолжување на апсолутно налудничавиот став за воведување ограничувања“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Во секој случај, сегашното воведување ограничувања за членови на семејства говори само по себе.“
Песков рече дека Кремљ не може да разбере зошто се мета ќерките на Путин.
„Ова е нешто што е тешко да се разбере и опише“, рече тој. „За жал, мораме да се справуваме со такви противници.“
Ќерката на Путин Катерина Тихонова е извршна директорка во областа на технологијата и е тесно поврзана со руската влада и одбранбената индустрија, според деталите наведени во пакетот американски санкции.
Неговата друга ќерка, Марија Воронцова, ги преводи владините програми во областа на генетските истражувања, кои добиле милијарди долари од Кремљ и се лично следени од Путин, соопштија САД.
Путин отсекогаш го чувал својот приватен живот подалеку од јавноста. Кремљ често ги одбива прашањата за него и неговото семејство, наведувајќи го правото на приватност.
Русија испрати десетици илјади војници во Украина на 24 февруари во, како што ја нарекува, „специјална воена операција“ за демилитаризација на земјата и искоренување на, како што ги нарекува, „опасни националисти“.
Украинските сили силно се спротивставија на тоа, а Западот воведе опсежни санкции кон Русија со надеж дека ќе ја принуди да се повлече.