Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков им кажа на новинарите дека идејата Украина да влезе во НАТО е „главната закана за Русија“, која ја „истакнува важноста и итната потреба да се осигураат нашата безбедност и националните интереси“.
Пред Русија во февруари да ги испрати своите војници во Украина, Москва бараше правни гаранции дека Украина никогаш нема да биде примена во западниот воен пакт.
Украинската влада вчера ги претстави безбедносните гаранции кои ги смета за нужни за својата земја откако конфликтот со Русија ќе заврши.
Планот на Киев вчера го претставија шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и поранешниот генерален секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, а со него се предвидени оружјето и обуката кои Украина ги бара од Западот за да може во иднина да го „брани својот суверенитет“.
Планот предлага повеќе западноевропски земји, со САД, Канада, Австралија и Турција, да бидат гаранти на безбедноста на Украина и да се продолжи со напорите Украина да се придружи на НАТО.
Иако Украина на почетокот на руската инвазија за прекин на огнот нудеше откажување од својата цел за придружување на НАТО, од Киев сега порачуваат дека ги интересира само полноправно членство, а не само безбедносни гаранции.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој стана еден од најгласните заговарачи на војната меѓу политичарите во Русија, кажа дека украинските барања би можеле да резултираат со „трета светска војна“. Медведев истакна дека влегувањето на Украина во НАТО би ги обврзало другите членки на одбрана на Украина.