Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рекол дека земјата постојано повторувала дека чувствува дека е во опасност, но дека Западот не ѝ дал никакви одговори на нејзината загриженост.
На прашањето како ќе заврши инвазијата во Украина (која тие ја нарекуваат „специјална воена операција“), Песков рекол дека ако Русија добие одговори од Западот на своите прашања, „тогаш сето тоа ќе заврши“.
Песков, исто така, тврди дека земјите на НАТО ги зголемуваат своите сили на западната граница на Русија.
САД вчера објавија дека поставуваат системи за противвоздушна одбрана во Полска, за да помогнат во пресретнувањето на проектили и авиони.
Песков, исто така, тврди дека Русија постојано вршела притисок врз Киев „да престане да го убива сопствениот народ“.
За матичната компанија на Фејсбук, Мета, и нејзината одлука да дозволи да се постираат насилни пораки против руската војска во Украина и против рускиот претседател Владимир Путин, Песков рече дека доколку извештаите се вистинити, тоа ќе бара „најодлучна акција“.