„Тоа ќе биде работна посета“, им кажа на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Двете земји, кои со месеци имаа комплицирани односи, ќе разговараат за продлабочување на политичките и економските врски во момент кога Лукашенко се обидува да ја зацврсти поддршката на Москва во одбрана од протестите против него, наведува Франс прес.
На прашањето дали средбата на двајцата лидери ќе биде во Москва, Песков не прецизираше. Не се најавени конференции за новинари ниту пак потпишување некаков договор.
Во последните години Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, го обвини повеќе пати својот историски сојузник Русија дека сака од Белорусија да направи вазал и ја отфрли идејата на Москва за продлабочување на унијата која веќе постои меѓу двете земји.
Дури и пред претседателските избори на 9 август ја обвини Москва дека дејствува против него.
Меѓутоа, откако пред еден месец почнаа протестите против него во Белорусија и осудата на неговиот реизбор како измама, Лукашенко направи пресврт од 180 степени и побара руска поддршка против, како што тврди, операцијата на Западот да го дестабилизира.
Во Русија кружат гласини дека Москва би можела да ја искористи ситуацијата за му наметне на Минск поцврста унија, која Лукашенко досега ја одбиваше во име на суверенитетот и независноста на земјата.
Белоруските опозиционери, од кои повеќето се или уапсени или протерани од земјата, инсистираат дека нивното движење е насочено против Лукашенко и дека не се ниту проруски ниту прозападни.
Во Минск утре се очекуваат нови големи демонстрации, петти по ред. На претходните протести се собраа најмалку 100.000 луѓе за да побараат заминување на Лукашенко од власта.