Минатата недела Русија ги обвини украинските војници за егзекуција на повеќе од 10 руски воени затвореници, наведувајќи како доказ видео што кружи на руските социјални мрежи.
„Нема сомнеж дека самата Русија ќе ги бара сторителите на ова злосторство. Тие мора да бидат пронајдени и казнети“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Потпретседателот на украинската влада за евроинтеграции изјави дека Киев ќе го истражи видеото, но дека е „многу малку веројатно“ тоа да го покажува она што го тврди Москва, пишува Асошиејтед прес.
Портпаролот на канцеларијата за човекови права на ОН изјави за Ројтерс дека ја прегледува снимката и повика на итна и целосна истрага за наводите.
Кремљ соопшти и дека е загрижен поради, како што тврди, постојаното гранатирање на нуклеарната централа Запорожје од страна на Украина. Тој ги повика светските сили да се погрижат Киев да престане да ја напаѓа најголемата европска нуклеарна централа.
Украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска контрола, беше гранатирана во неделата, што наиде на осуда од телото за нуклеарен надзор од ОН, кое предупреди дека таквите напади се ризик за голема катастрофа.
„Ги повикуваме сите земји во светот да го искористат своето влијание за украинските вооружени сили да престанат да го прават тоа“, рече Песков.
Украина, од друга страна, ја обвинува Русија за гранатирањето на електраната. Ројтерс не можел независно да потврди која страна е одговорна.