Бајден вчера реагираше на наводниот масакр на цивили во украинскиот град Буча. „Можеби се сеќавате дека ме критикуваа бидејќи го нареков Путин воен злосторник“, им кажа Бајден на новинарите. „Па, вистина е, видовме во Буча, тој е воен злосторник“.
Обраќајќи им се денес на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека обвинувањата дека руските сили извршиле воени злосторства со погубување цивили во Буча се „монструозен фалсификат“, чија цел е да се „оцрни руската војска“.
„Тоа е едноставно добро режирано, но трагично шоу“, кажа Песков.
„Уште еднаш ја повикуваме меѓународната заедница – отстапете од таквите емотивни перцепции и размислувајте со своја глава. Споредете ги фактите и ќе сфатите со каков монструозен фалсификат имаме работа“, порача портпаролот на Кремљ.
Додаде дека Русија не ја отфрла можноста за средба на Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но истакна дека средбата може да се случи дури откако ќе се договори документ.
Песков одби да го коментира напредокот на мировните преговори меѓу Русија и Украина, за кои кажа дека денес ќе продолжат преку видеоврска.