Коронавирусот може да се поврзе со ретка, но сериозна болест кај децата, велат британски лекари

Мал, но растечки број деца се разболуваат од редок синдром што би можел да биде поврзан со коронавирусот, при што пријавените случаи покажуваат симптоми на болки во стомакот, гастроинтестинални симптоми и срцево воспаление, предупредија британските здравствени шефови и специјалисти за педијатрија.

Во неделата Педијатриското здружение за интензивна нега на Велика Британија (ПИЦС) на Твитер објави „итно предупредување“ од Националната здравствена служба на Англија за мал пораст на бројот на случаите на критично болни деца што покажуваат „карактеристики на преклопување на синдромот на токсичен шок и атипична Кавасаки-болест со крвните параметри“ кај некои од децата тестирани позитивно на ковид-19.

Во предупредувањето, испратено до британските општи лекари од Националната здравствена служба (НХС) на Англија се вели дека во текот на последните три недели „има очигледен пораст на бројот на децата од сите возрасти што имаат мултисистемска воспалителна состојба што бара интензивна нега, низ целиот Лондон и, исто така, во другите региони на Велика Британија“, објави вчера Списанието за здравствени услуги.

„Постои поголема загриженост дека воспалителен синдром поврзан со ковид-19 се појавува кај деца во Велика Британија или дека може да има друг, сè уште неидентификуван заразен патоген поврзан со овие случаи“, се додава.

Во соопштението испратено викендов до медицинските професионалци што се грижат за сериозно заболени деца, ПИЦС рече дека „заедничко за случаите се вкрстени карактеристики на синдромот на токсичен шок и атипичната болест Кавасаки со крвни параметри што одговараат на тежок ковид-19 кај деца. Абдоминална болка и гастроинтестинални симптоми се честа карактеристика, како и воспаление на срцето“.

Болеста Кавасаки, позната и како синдром Кавасаки, е ретка детска болест што предизвикува воспаление на ѕидовите на крвните садови во телото.

Групата соопшти дека иако има „многу малку случаи“ на критично болни деца со ковид-19 примени на одделенијата за детска интензивна нега во Велика Британија и во целиот свет, тие знаат за „мал број деца на национално ниво“ што одговараат на клиничка слика опишана во предупредувањето за НХС.

Сè уште има многу непознати кога станува збор за ковид-19, но во извештајот објавен во април, американскиот Центар за контрола и превенција на болести вели дека децата дијагностицирани со коронавирусот во САД обично имаат благи случаи на вирусот.

Бројот на случаите на ковид-19 кај децата останува мал и иако од ковид-19 се разболеа и одреден број деца и новороденчиња, повеќето од досега познатите случаи се возрасни луѓе, според ЦДЦ.

Здравствените работници ги уверуваа родителите дека ризикот децата сериозно да се разболат од вирусот останува мал.

„За среќа, болестите како Кавасаки се многу ретки, како што во моментов се и сериозните компликации поврзани со ковид-19 кај деца, но важно е клиничарите да знаат за секоја потенцијална врска што се појавува за да можат да им дадат на децата и на младите правилна и брза нега“, рече професорот Симон Кени, национален клинички директор на НХС за деца и млади, во изјавата испратена до Си-ен-ен.

Професорот Расел Винер, пак, претседател на Кралскиот колеџ за педијатрија и детско здравје, рече дека иако мал број деца сепак можат да се разболат со ковид-19, тоа е „многу ретко“, а доказите покажуваат дека децата се најмалку погодени од вирусот.

„Сепак, нашиот совет останува ист: родителите треба да бидат уверени дека децата веројатно нема сериозно да се разболат со ковид-19, но доколку од која било причина се загрижени за здравјето на своите деца, треба да побараат помош од здравствен професионалец“, рекол Винер.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе