Одби да зборува за поранешна Југославија

Контроверзниот Нобеловец Хандке ги отфрли „празните“ прашања за Милошевиќ и Сребреница

Австрискиот писател Петер Хандке, добитникот на годинешната Нобелова награда за книжевност, изјави на конференција за новинарите дека повеќе ги сака анонимните мејлови на омраза од прашањата за неговата поддршка на Слободан Милошевиќ.

Изборот на Шведската академја наиде на бројни критики поради поддршката на Хандке на поранешниот претседател на Србија.

Писателот се сретна со новинарите во Стокхолм, каде ќе ја преземе наградата.

На прашањето дали прифаќа дека во Сребреница се случил масакр, Хандке кажа дека од читателите добил бројни писма на поддршка откако во октомври ја доби наградата од девет милиони шведски круни, пренесува Ројтерс.

Тој додаде, меѓутоа, дека примил и едно анонимно писмо во кое имало тоалет-хартија со, како што кажа, некаков вид „калиграфија со измет“.

„Ви велам дека повеќе ја сакам тоалет хартијата, анонимното писмо со тоалет хартија, отколку вашите празни и неписмени прашања“, кажа Хандке.

77-годишниот Хандке додаде дека сака да им се заблагодари на читателите на писмата на поддршка, но одби да зборува за поранешна Југославија.

„Не сакам да одговорам на ниедно ваше прашање“, кажа тој во обраќањето пред големиот број новинари.

Шведската академија и претходно беше на удар на критики поради изборот на лауреатите. Одлуката во 2016 да го награди Боб Дилан многумина ја исмеаја како премногу популистичка.

Академијата ја бранеше одлуката да му ја додели наградата на Хандке, кажувајќи дека јасно го осудил масакрот во Сребреница, иако прифати дека давал „провокативни, неумесни и нејасни коментари за политичките прашања“.

Меѓутоа, еден од 18 членови на Академијата кажа дека во знак на протест ќе ја бојкотира годинешната церемонија.

„Да се слави Нобеловата награда на Петер Хандке би било големо лицемерие од моја страна“, кажа Петер Енглунд, кој беше на чело на Академијата до 2015.

Хандке во 1996 го напиша есејот „Правда за Србија“ во кој застана на страната на администрацијата на Милошевиќ. За време на НАТО кампањата на бомбардирање во 1999, Хандке отпатува во Белград за да изрази солидарност со Милошевиќ.

Тој зборуваше на погребот на Милошевиќ и им изрази поддршка на лидерите на босанските Срби Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кои беа прогласени за виновни за „геноцид“ во Сребреница.

Писателот во октомври кажа дека нема да одговара на прашања на новинарите кои се однесуваат на неговите просрпски ставови.

„Јас сум писател. Потекнувам од Толстој, Хомер, Сервантес. Оставете ме на мира и не поставувајте ми такви прашања“, кажа тогаш Хандке.

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе