Ковид-19

Колку се ефикасни вакцините во спречувањето на преносот?

Луѓето што биле вакцинирани против ковид-19 сè уште можат да го фатат и да го пренесат вирусот, но тоа е значително помалку веројатно отколку кај невакцинираните, велат најновите податоци.

Фото: ЕПА

Прашањето дали вакцините го запираат пренесувањето е едно од најголемите и најважни непознати во пандемијата. Ако го запираат, можен е имунитет на стадо предизвикан од вакцини. Ако не, вирусот сè уште ќе може да циркулира дури и во целосно вакцинирана популација и да продолжи да претставува смртоносна закана за луѓето што не можат да се вакцинираат или немаат имунолошки одговор по приемот на вакцината. Циркулирачкиот вирус исто така може да мутира и да ја избегне нашата одбрана, повторно оживувајќи ја пандемијата.

Најновите вести се мешани. „Имаше неколку податоци во последните неколку недели што укажуваат дека вакцините не го блокираат пренесувањето, но многу веројатно значително го намалуваат пренесувањето“, рече имунологот Еленор Рајли од Универзитетот во Единбург на веб-семинарот за Кралското друштво за медицина на 28 јануари.

Еден податок е од клиничкото испитување во фаза 3 спроведено од производителот на вакцини Модерна. Откриено е дека луѓето што биле вакцинирани имале трипати помала веројатност за позитивен тест за вирусот кога се вратиле по втората доза, во споредба со луѓето што добиле плацебо. Со други зборови, првата доза ги намалува стапките на инфекција и оттука и пренесувањето за околу 66 проценти. Втората доза се дава 28 дена по првата; нејзиниот ефект врз преносот сè уште е непознат, бидејќи во испитувањата обично луѓето по втората доза се следат само ако се разболеле, а не и ако биле асимптоматски заразени.

АстраЗенека пријави слични бројки од едно од своите клинички испитувања. Волонтерите што го примиле режимот од половина доза / целосна доза (кој компанијата случајно го откри) имале 60 проценти помала веројатност да бидат асимптоматски заразени отколку луѓето што добиле плацебо. Сепак, имало многу помала разлика кај луѓето на кои им биле дадени планираните целосни дози, само 4 проценти.

Една студија во Кина покажа дека заразените лица без симптоми имаат многу помала веројатност од оние со симптоми да им го пренесат вирусот на други во своето домаќинство, што сугерира дека дури и ако вакцините не ги спречуваат асимптоматските инфекции, тие сепак може значително да ја намалат стапката на пренесување.

Конечно, една студија на Институтот за истражување Клалит во Рамат Ган, Израел, откри дека вакцината на Фајзер / Бајонтек ги намалува асимптоматските инфекции кај луѓето над 60 години за околу една третина. Ефектот се појавил дури 14 дена по првата доза. Фајзер и Бајонтек не објавија никакви податоци за преносливоста, но нивниот истражувачки труд за испитувањата во фаза 3 вели дека планираат да го сторат тоа.

Гледано севкупно, овие податоци силно сугерираат дека вакцините можат значително, но не и целосно да го запрат ширењето на вирусот, вели Рајли.

„Нема податоци конкретно за инфективноста на примателите на вакцини - врската е индиректна“, вели таа за Њу саентист. „И симптоматската и асимптоматската инфекција се помалку веројатни по вакцинирањето, а помала е веројатноста асимптоматските луѓе да им го пренесат на други“.

Ова значи дека ќе мора да продолжиме со мерките како што се социјалното дистанцирање за да го забавиме пренесувањето сè додека сите не се вакцинираат, рече таа. Истражувачкиот институт Клалит предупреди дека неговите резултати „јасно покажуваат дека не постои целосна заштита од инфекцијата со корона... Затоа, дури и оние што биле вакцинирани мора да носат маски во јавен простор и да ги почитуваат правилата за социјална дистанца“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе