Нотарот Арнолд ван ден Берг открил каде се крие семејството Франк во Амстердам, тврди пензионираниот детектив на ФБИ Винс Панкоке, шеф на шестгодишната истрага за нерешениот случај. Резултатите од неговата истрага се најважниот дел од штотуку објавената книга „Кој ја предаде Ана Франк?“ на канадската писателка Розмари Саливан.
Доказите против Ван ден Берг биле откриени со модерни техники и од анонимно писмо испратено до таткото на Ана Франк по Втората светска војна во кое нотарот е обвинет дека е предавникот. Музејот на Ана Франк соопшти дека е „восхитен“ од истрагата, но исто така нагласи дека е потребна дополнителна истрага.
Тинејџерката позната во целиот свет по дневникот што го пишувала од 1942 до 1944 година додека се криела со семејството во таен стан во Амстердам, била уапсена во 1944 година, а починала следната година, на 15-годишна возраст, во концентрациониот логор Берген-Белсен. Нејзините записи станаа еден од симболите на холокаустот.
Различни теории кружеа за тоа што довело до рацијата во која било откриено скривалиштето на семејството Франк.
Во 2016 година холандскиот режисер на документарци го ангажирал Винс Панкоке, пензиониран истражител на ФБИ, да раководи со тим истражители задолжени да решат една од најголемите загатки во Втората светска војна.
Името Ван ден Берг, кој починал во 1950 година, досега привлекуваше малку внимание. Нотарот бил еден од основачите на Еврејскиот совет, административно тело принудено од нацистите да организира депортација на холандските Евреи во концентрациони логори. Според истражителите, неговото семејство поради тоа имало право на ослободување од депортација.
Нотарот исчезнал од радарот на крајот на војната, која ја преживеал, заедно со другите од неговото семејство. Најубедлив елемент во истрагата била сериозноста со која Ото Франк го сфатил обвинението, пренесоа холандските медиуми.
Таткото на Ана, единствениот член на семејството што го преживеа холокаустот, во 1964 година рече дека набргу по војната добил писмо во кое Ван ден Берг бил именуван како предавник на неговото и на неколку други еврејски семејства.
Во архивата на еден полицаец била пронајдена копија од писмото што Франк нарачал да ја направат истражителите. Доказот, сепак, не е непобитен. Роналд Леополд, извршен директор на музејот Ана Франк, предупреди дека сѐ уште има прашања во врска со анонимното писмо и дека е потребна подетална истрага.
„Мора да бидете многу внимателни пред да запишете некого во историјата како личноста што ја изневерила Ана Франк, ако не сте 100 или 200 отсто сигурни во тоа“, изјави тој за АФП. Другите експерти се уште покритични.
„Бесмислици и клевети“, изјави Барт ван дер Бум, професор на Универзитетот во Лајден, за телевизијата НОС. „Тие (истражителите) велат дека тој не се криел, па значи морал на друг начин да си ја купи безбедноста. Но тие всушност не знаат каде бил тој“, рече тој.
Внуката на Ван ден Берг, која разговарала со инспекторите за историјата на нејзиното семејство, била информирана за нивните наоди минатиот викенд. Таа одбила да коментира за случајот.
Истражителите веруваат дека Ото Франк не сакал да ги открие своите сомнежи од страв дека сознанието дека предавникот е Евреин може дополнително да го поттикне антисемитизмот. Тие додаваат дека немаат намера да го демонизираат предавникот бидејќи нацистите биле тие што го принудиле на тоа.