Кога Путин е еден од сватовите: хеликоптери, „кобри“ и снајпери на свадбата во Австрија (ВИДЕО)

Австриската полиција спроведе специјални безбедносни мерки за венчавката на министерката за надворешни работи на Австрија Карин Кнајсел, на кој ќе присуствува и рускиот претседател Владимир Путин.

Венчавката на министерката Кнајсел и бизнисменот Волфганф Мајлингер е закажана во ресторанот Чепе во местото Сулцтал, на познатата „винска тераса“ во австриската покраина Штаерска.

Најпрвин Кнајсел ја закажа свадбата во дворецот Гамлиц, но, откако во медиумите се појавија приказни дека друга свадба морала да биде откажана поради нејзината, таа реши да ја смени локацијата.

Министерката избра многу популарен датум за венчавката – 18.8.2018, кога се закажани голем број свадби низ Австрија.

Специјалната единица на австриската полиција „Кобри“ е задолжена за безбедноста на гостите, меѓу кои се и членови на австриската влада, предводени од премиерот Себастијан Курц.

Полицијата соопшти забрана за приошање во областа околу ресторанот. Само одреден број луѓе и гости ќе можат да пристапат до ресторанот и паркингот.

Улиците, како што е наведено во соопштението, нема да бидат затворени бидејќи полицијата сака што помалку да го наруши животот на граѓаните на местото, како и на гостите на винската тераса.

Меѓутоа, најавено е дека во цела Штаерска ќе има привремени блокади на сообраќајот. Воведена е и забрана за прелетување, особено на дронови над местото на одржување на венчавката.

Покрај јужниот дел на покраината и на аеродромот Грац, на кој ќе слета авионот на рускиот претседател, најавени се можни блокади на сообраќајот.

Полицијата во зголемен број ќе ги контролира патиштата, и особено околу аеродромот каде ќе се врши безбедносна  контрола на сите лица што приоѓаат, поради што на патниците им беше советувано да пристигнат барем еден час порано од вообичаеното на аеродромот.

Повеќе стотици полицајци во униформи и во цивилна облека, меѓу кои и „кобрите“, се ангажирани на обезбедувањето на гостите.

Точното време на слетувањето на авионот на претседателот Путин во Грац од безбедносни причини не е соопштено.

Тој во Австрија ќе мине неколку часа, бидејќи подоцна има средба во Германија со германската канцеларка Ангела Меркел.

Рускиот претседател со себе ќе доведе и хор од десет Козаци, како подарок на шефицата на австриската дипломатија, тврдат неименувани дипломати.

Прифаќањето на поканата за венчавката на австриската министерка од страна на претседателот Путин го привлече вниманието на светската јавност и предизвика критики во Австрија и Европа.

Критичарите сметаат дека станува збор за непримерен чин, додека највисоките претставници на австриската влада, вклучувајќи го и вицепремиерот Хајнц Кристијан Штрахе, доаѓањето на Путин го сметаат за голема чест за Австрија.

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе

Mоменталната правна поставеност на урбанистичкото планирање не обезбедува соодветна судска заштита на граѓаните.

повеќе

А кои се играчите на игрите на среќа? Во огромен број тоа се токму оние лица со просечни примања и пензионери

повеќе