Коалициска неизвесност и политички хаос во Израел

Речиси конечните резултати од израелските парламентарни избори што ги објави комисијата рано утрово покажаа дека има политички ќор-сокак.

Ниту една од двете водечки партии не е во можност да формира владејачка коалиција.

Сојузот од партии на центарот на поранешниот началник на Генералштабот Бени Ганц го задржа водството од две места (вкупно 33) над конзервативниот Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, јавија израелските медиуми.

Комисијата рече дека се изброени 99,8 отсто од гласовите, а дека останало да се избројат гласовите на оние што гласаа на 14 избирачки места каде што се забележани нерегуларни активности на денот на изборите.

Израелците гласаа на над 2.000 избирачки места.

На третото место по моќ во израелскиот парламент, Кнесетот, според достапните резултати е сојуз на партии во кои Арапите се мнозинство, Заедничка листа, со 13 пратеници, по што следува партијата на ултраортодоксните сефардски Евреи со девет и исто така религиозната Обединет Тора јудаизам со осум пратеници.

Националистичката партија на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман има исто така осум парламентарни места, а десничарскиот сојуз Јамина едно помалку, додека левичарите Лабуристи-Гешер и Демократскиот сојуз имаат шест и пет, соодветно.

Блокот на левиот центар, во кој е и Заедничка листа со членовите на израелските Арапи, кои никогаш не биле во Владата на Израел, ја зголеми својата сила на 57 места, додека десничарскиот има двајца пратеници помалку.

Резултатите сè уште може да се сменат, предупредија официјалните лица.

Ниту еден од нив го нема мнозинството од 61 од вкупно 120 пратеници во Кнесетот за да формира коалиција.

Затоа, Либерман, како што беше случајот и по изборите во април, е клучен фактор во формирањето на коалицијата.

Во четвртокот Нетанјаху, кој се бори за политички опстанок, го повика ривалот Ганц да формираат влада за национално единство, бидејќи десничарската, рече тој, за жал не е можна.

Ганц изјави дека има намера да ја води владата на единство.

В недела претседателот Рувен Ривлин ќе ги почне консултациите со партиите што влегле во парламентот за назначување на мандатарот за составување влада.

Израелските медиуми во петокот соопштија дека не се знае кого ќе го поддржи Либерман, иако во четвртокот се шпекулираше дека ќе се изјасни за Ганц.

Заедничка листа, исто така, наводно се нема одлучено дали да го поддржи Ганц или да се воздржи од препорачување кандидат за премиер.

Сега се чини дека владата на национално единство со двете главни партии е најизвесниот излез од ќор-сокакот.

Алијансата на Ганц, сепак, инсистира на тоа дека Нетанјаху, на кого му се заканува обвинение за корупција по сослушувањето во октомври, мора да се повлече од местото лидер на Ликуд за да биде формирана таква влада.

Одѕивот на гласачите на изборите во вторникот беше 69,4 отсто, нешто повеќе отколку во април, кога беше 68,5 проценти.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе