Кинескиот парламент го усвои законот за Хонг Конг: поткопувањето на авторитетот на Пекинг ќе биде кривично дело

Кинескиот парламент го поддржа новиот закон за безбедност на Хонг Конг, со кој поткопувањето на авторитетот на Пекинг на територијата ќе стане кривично дело.

Фото: ЕПА

Предлог-законот - кој сега поминува во рацете на високото раководство на Кина - предизвика длабока загриженост кај оние што велат дека ова може да му стави крај на уникатниот статус на Хонг Конг.

Исто така, Кина првпат ќе може да инсталира свои безбедносни агенции во регионот.

Овој потег веќе предизвика нов бран протести против континенталниот дел.

Судирите повторно избувнаа во средата, додека парламентот во Хонг Конг дебатираше за друг предлог-закон, со кој би се направило кривично дело непочитувањето на кинеската национална химна. Стотици луѓе беа уапсени.

Денеска продолжува дебатата во законодавниот совет.

Во средата американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека развојот на настаните во Хонг Конг значи дека веќе не може да се смета дека има „висок степен на автономија“ од континентална Кина.

Тоа значи дека според американскиот закон, Хонг Конг повеќе не треба да се третира различно од континенталниот дел.

Ова може да има големи импликации врз статусот на Хонг Конг како трговски центар и веројатно ќе го налути Пекинг, вели Би-би-си.

Предлог-законот сега е кај Постојаниот комитет на Комунистичката партија и може да стане закон до август.

Целосните детали за законот сè уште не се познати, но тој би ги криминализирал:

- отцепувањето - одвојувањето од земјата

- субверзијата - поткопување на моќта или авторитетот на централната власт

- тероризмот - употреба на насилство или заплашување против луѓето

- активностите на странски сили што се мешаат во Хонг Конг.

Предлог-законот, исто така, вели дека „доколку е потребно, релевантни национални органи за безбедност на Централната народна влада ќе формираат агенции во Хонг Конг за исполнување на релевантните должности за заштита на националната безбедност во согласност со законот“.

Тоа значи дека Кина потенцијално може да има свои агенции за спроведување на законот во Хонг Конг, заедно со сопствените агенции на градот.

Властите во Хонг Конг инсистираат дека законот е клучен за справување со растечкото насилство и со „тероризмот“ и дека жителите на територијата немаат од што да се плашат.

Критичарите стравуваат дека тој може да предизвика хонгконжаните да се гонат кривично - дури и ретроактивно - затоа што го критикувале своето или континенталното раководство, се приклучиле на протести или ги остваруваат своите сегашни права според локалните закони.

 

Зошто Кина го прави ова?

Хонг Конг во 1997 година ѝ беше предаден на Кина од британската контрола, но според уникатен договор - миниустав наречен Основен закон и т.н. принцип „една земја, два системи“.

Тие би требало да штитат одредени слободи на Хонг Конг: слобода на собирање и на говор, независно судство и некои демократски права - слободи што ги нема ниту еден друг дел од континентална Кина.

Според истиот договор, Хонг Конг мораше да донесе сопствен закон за национална безбедност - тоа е утврдено во член 23 од Основниот закон.

Но неговата непопуларност значи дека тоа никогаш не е направено - владата се обиде во 2003 година, но мораше да се повлече по протестите.

Потоа, минатата година, протестите за законот за екстрадиција се претворија во насилни и се разви во едно пошироко антикинеско и продемократско движење.

Кина сака да избегне повторување на тие немири, заклучува Би-би-си.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе