Синофарм е прва кинеска фармацевтска компанија што објави податоци за ефективноста на вакцината што ја развива. Сепак, кинеските власти започнаа со вакцинирање и вакцинираа повеќе од милион луѓе со производи кои сè уште не се официјално одобрени.
Во соопштението на Синофарм се наведува дека стапката на ефикасност на нејзината вакцина, произведена од лабораторијата ЦНБГ во Пекинг е 79,43 проценти.
Вакцината на Фајзер/Бајонтек, според нивните податоци, е ефикасна 95 проценти, а вакцината на Модерна 94,1 процент.
Британската компанија Астра зенека, која ја разви вакцината заедно со универзитетот Оксфорд, изјави дека нејзината вакцина е 70 проценти ефективна, но дека може да достигне 100 процентна ефикасност со две дози.
Кина, каде новиот коронавирус се појави пред една година, вложи огромни суми во производство на вакцини и вети дека ќе стане јавно добро во светот.
Бидејќи епидемијата во Кина е практично искоренета, клиничките испитувања на вакцината ги спроведувала во странски земји каде циркулацијата на вирусот е сè уште интензивна.
Пет кинески вакцини се во трета фаза на клинички испитувања. Синофарм не прецизираше дали овие испитувања се завршени за нејзината прва вакцина. Групата соопшти дека поднела барање до кинеските власти за одобрување на нејзината прва вакцина.