Кина минатата недела испрати шпионски брод кој пловел покрај поморската комуникациска станица Харолд Е. Холт во Ексмут, која ја користат австралиски, американски и сојузнички подморници.
„Мислам дека тоа е чин на агресија, особено затоа што стигнал толку далеку на југ“, кажа Датон не прес-конференција и додаде: „Беше во непосредна близина на воени и разузнавачки објекти на западниот брег на Австралија“.
Австралија одржува национални избори на 21 мај, а обвинувањата за заканата за националната безбедност која ја преставува Кина е главната тема на кампањата. Датон укажа на „чудното време“ на присуството на бродот имајќи ја предвид изборната кампања.
Бродови на кинеската воена морнарица беа забележани неколку пати во близина на северниот и источниот брег на Австралија во последните години.
Во февруари Пекинг и Канбера меѓусебно се обвинија за инцидентот во кој австралиски поморски патролен авион откри ласер насочен кон него од брод на морнарицата на Народноослободителната војска.
Австралија објави фотографии од два кинески брода кои учествувале во инцидентот како пловат во близина на нејзиниот северен брег. Кинеската амбасада во Австралија не одговорила на барањето за коментар.
Австралиското министерство за одбрана објави дека разузнавачкиот брод од класата „Донгдијао“ со име Хајвангџинг пловел покрај западниот брег, влегол во австралискиот економски појас на 6 мај и се приближил на 50 наутички милји од комуникациската станица на 11 мај.
Датон кажа дека Австралија вовела пракса на известување на јавноста за присуството на бродови на кинеската морнарица.