Новите правила на Министерството за образование забрануваат казнување во училиштата со кои учениците се понижуваат. Тие воедно ја засилуваат постојната забрана за физичко казнување.
Тепањето, обврската од неколкучасовно стоење или клечење во училницата се дел од забранетите практики, како и навредите.
Сега учениците се охрабруваат да се извинат во писмена форма или да извршат помали задачи во училницата за помали грешки, како на пример, ако заборават да напишат домашна работа.
За посериозни прекршоци како што е задевањето, ученикот може привремено да се исклучи од наставата и да биде испратен на разговор со психолог.
Телесните казни се забранети во Кина уште во 1986 година, но забраната не се почитувала и родителите честопати замижувале пред таквите постапки.
Министерството не соопшти како ќе ги казнува наставниците кои не ги почитуваат новите упатства.
Кинеските медиуми редовно известуваат за деца кои починале од тепање во училиште или се убиваат заради јавно понижување во училницата.
10-годишно девојче почина во провинцијата Сечуан, на југозападот од земјата, откако наставник по математика ја повлекол за уво и ја удрил по главата поради грешка при собирање, објави државната агенција Ксинхуа во септември.
Новиот закон за семејно воспитување, кој исто така забранува физичко казнување, треба да биде изгласан на годишната пленарна седница на Националниот народен конгрес (кинескиот парламент) што започнува во петок.