„Цел ни е да постигнеме врв на емисиите на СО2 пред 2030 година и да постигнеме јаглеродна неутралност пред 2060 година“, рече Си.
Ова е прва наведена кинеска цел кон климатска неутралност.
Минатата недела Европската унија ја повика Кина, најголемиот светски емитер на јаглерод диоксид, да се стреми кон климатска неутралност идеално до 2050 година, или најдоцна до 2060 година.
Досега, Кина објави само дека нејзините емисии ќе достигнат врв околу 2030 година, согласно Парискиот климатски договор. Сепак, многумина очекуваа Кина и порано да ги ограничи емисиите, а ЕУ го повика Пекинг да го стори тоа до 2025 година.
Климатска неутралност подразбира дека употребата на горива или човечките активности немаат никакво влијание на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, а со тоа не ѝ штетат на климата.
Си вети дека Кина „ќе ги зголеми своите Национално наменети и одредени придонеси“ за исполнување на Парискиот договор „со усвојување на поинтензивни мерки“.
Сите земји би требало „да се стремат кон иновативен, координиран, зелен и отворен развој за сите, да ги искористат историските можности што ги нуди новиот циклус на научна и технолошка револуција и индустриска трансформација, да постигнат зелено закрепнување на светската економија во ерата после ковид-19 и така да се создаде моќна сила водена од одржлив развој“, рече Си.