„Ниту е нова, ниту е непозната“

Кина тврди дека во Казахстан се појавила посмртоносна пневмонија од коронавирусот, Астана демантира

Нов, досега непознат вид пневмонија, која е потенцијално посмртоносна од коронавирусот, наводно годинава убила повеќе од 1.700 луѓе во Казахстан, соопшти кинеската амбасада, пренесува Си-ен-ен. Казахстанските власти, пак, велат дека епидемијата ниту е нова ниту е непозната.

Фото: ЕПА

Вчера кинеската амбасада во Казахстан упати предупредување до своите граѓани што живеат во оваа централноазиска земја, дека пневмонијата убила над 1.700 луѓе. „Одделот за јавно здравје на Казахстан и други агенции спроведуваат целосна истрага и сè уште ја немаат дефинирано природата на овој вид пневмонија“, соопшти амбасадата.

Оваа нова пневмонија во Казахстан е почеста од средината на јуни, вели кинеската амбасада, додавајќи дека на некои места властите известуваат за стотина нови случаи на ден. Според амбасадата, досега е забележано зголемување во три региони, кои вкупно имале 500 нови случаи и 30 критични случаи. Додаваат дека од 1.772 починати пациенти, дел биле од кинеска националност и дека само во јуни починале 628 лица.

„Оваа болест е многу посмртоносна од коронавирусот“, се вели во соопштението на кинеската амбасада.

Си-ен-ен ги пренесува и казахстанските медиуми, кои велат дека бројот на случаите на пневмонија во главниот град Нурсултан, до неодамна познат како Астана, е двојно поголем од минатата година.

„До 200 лица се примаат во болница секој ден. Во последните неколку дена, на 300 од нив им е дијагностицирана пневмонија. Освен тоа, некои се лекуваат и дома“, пренесува угледната казахстанска новинска агенција Казинформ, наведувајќи официјални податоци.

Кинеската амбасада ги предупреди Кинезите во тие области да избегнуваат излегување од дома и преполни места и препорача носење маски и често миење раце и проветрување на просториите.

Си-ен-ен додава дека не успеал самостојно да ги потврди наводите на кинеската амбасада и дека побарал дополнителни информации од Министерството за здравство на Казахстан.

Во соопштение денеска, пак, казахстанското министерство за здравство го потврди присуството на „вирусна пневмонија од неодредена етиологија“, односно причинител, но негираше дека епидемијата е нова или непозната.

„Како одговор на овие информации, Министерството за здравство на Република Казахстан официјално изјавува дека овие информации не соодветствуваат со реалноста“, се вели во соопштението, кое беше објавено на нивните социјални медиуми.

Министерството вели и дека министерот Алексеј Тсој на брифинг во четвртокот зборувал за голем број случаи на пневмонија на национално ниво. Овие случаи вклучуваат различни видови бактериска, габична и вирусна пневмонија - вклучително и некои од „неодреден причинител“.

Во соопштението се додава и дека во класификувањето на „непознатата“ пневмонија биле следени упатствата на Светската здравствена организација „за регистрација на пневмонија кога инфекцијата со коронавирус се дијагностицира клинички или епидемиолошки, но не е потврдена со лабораториско испитување“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе