Кина ја предупреди Британија да не се меша во прашањата на Хонг Конг

Кина денес ја предупреди Велика Британија да не се меша во прашањата на Хонг Конг по усвојувањето на законот за национална безбедност за Хонг Конг кој Лондон го критикуваше, пренесува Би-би-си.

Амбасадорот Лиу Шаоминг рече дека британската понуда за олеснување на добивањето британско државјанство за до три милиони жители на Хонг Конг е „грубо мешање“ во внатрешните работи на Кина.

Премиерот Борис Џонсон најави дека ќе го олесни процесот на стекнување британско државјанство за жителите на Хонг Конг кои ќе изберат да дојдат во Велика Британија, откако Пекинг усвои контроверзен закон за национална безбедност, кој според критичарите ја нарушува автономијата на Хонг Конг.

Амбасадорот Лиу рече дека се надева оти Велика Британија ќе ја разгледа својата понуда.

„Британската влада продолжува да дава неодговорни коментари за ситуацијата во Хонг Конг“, рече тој пред новинарите.

Лондон тврди дека Кина го прекршила договорот од 1997 година, според кој Хонг Конг ѝ бил вратен на Кина со загарантирани граѓански слободи за следните 50 години.

Подоцна во понеделникот, портпарол на британскиот премиер Борис Џонсон побара од Кина да не се меша ако жителите на Хонг Конг со статус на британски прекуморски државјанин решат да дојдат во Велика Британија.

Лицата родени во Хонг Конг пред Хонг Конг да ѝ биде вратен на Кина во 1997 година имаат статус на британски прекуморски државјани и се граѓани на Комонвелтот.

„Очекуваме Кина да ја разбере важноста од почитување на меѓународното право“, рече портпаролот.

„Во моментов го разгледуваме законот за национална безбедност и неговите правни последици во врска со екстрадицијата со Хонг Конг“, додаде тој.

„Веќе има сеопфатни заштитни механизми за екстрадицијата во Велика Британија. Од судовите се бара да забранат екстрадиција на личност во која било земја што не гарантира почитување на човековите права на обвинетиот или ако барањето е мотивирано од политички причини“, објасни тој.

Фејсбук и апликацијата Ватсап, која е во сопственост на Фејсбук, соопштија дека „престанале“ да одговараат на барањата за пристап до информации, упатени од владата на Хонг Конг или агенциите за безбедност, сè додека не се утврдат „ефектите од законот за национална безбедност“.

Фејсбук ќе спроведе проценка која вклучува „официјална длабинска контрола на човековите права и консултации со експерти за човекови права“, се вели во соопштението.

Бројни други земји, вклучувајќи ги Соединетите Држави, Канада, Јапонија и Австралија, изразија загриженост во врска со воведувањето закон според кој за кривичните дела поврзани со отцепување, субверзија и тероризам е можна и доживотна затворска казна.

Продемократскиот активист Џошуа Вонг ги повика другите држави да го поддржат Хонг Конг, додека од своите сограѓани и светот побара да не „потклекнат“ пред Пекинг.

Вонг и други активисти тврдат дека законот за национална безбедност практично ја укинува слободата на говорот, што Кина го отфрла.

Вонг, кој во понеделникот се појави на суд со двајца активисти под обвинение за нелегално собирање, вели дека последиците од законот веќе се чувствуваат. За време на викендот, книгите на про-демократските активисти биле отстранети од народните библиотеки.

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе