Кина ја блокираше Википедија

Властите во Кина ја блокираа Википедија, објави фондацијата на оваа онлајн енциклопедија неколку недели пред 30-годишнината од потиснувањето на продемократските протести на плоштадот Тјенанмен во Пекинг.

„Во април фондацијата Викимедија утврди дека Википедија повеќе не е достапна во Кина“, рече Саманта Лиен, портпаролката на фондацијата преку електронска пошта. „По детална анализа на интерните пристапи до мрежата, можеме да потврдиме дека Википедија е блокирана на сите јазици во Кина“, додаде Лиен.

Фејсбук, Твитер, Инстаграм и други социјални мрежи во Кина се блокирани со години.

Некои содржини на Википедија со осетливи теми, како што се продемократските протести во 1989 година на плоштадот Тјенанмен и во хималајскиот регион Тибет, веќе одамна се блокирани во Кина, но главната страница досега била достапна.

Сомневањата за комплетна блокада на Википедија се појавиле во април, кога некои кинески корисници на социјалните мрежи се пожалиле дека веќе немаат пристап до страната.

Интернет страницата грејтфајр.орг (GreatFire.org), организација која ја надгледува цензурата на интернет во Кина, откри дека страницата е блокирана од 23 април.

Кинеската Кибернетичка администрација која ја надгледува цензурата на Интернет немала коментари за наводите.

Од 2015 година, Википедија на кинески била блокирана од „голем фајрвол“ кој ги спречува корисниците да пристапат до одредени странски интернет страници. Верзиите на други јазици сè уште биле достапни со повремени пречки.

Лиен нагласи дека не биле предупредени, односно дека не им било објаснето зошто страницата е блокирана.

„Кога една земја, регион или култура не може да пристапи до глобалниот дијалог на Википедија, целиот свет е осиромашен“, рече Лиен.

Интернет властите во Кина ја зголемуваат цензурата пред големи политички настани или околу чувствителни годишнини.

Во почетокот на јуни, ќе се навршат 30 години откако кинеската војска употреби сила за да ги сузбие продемократските протести што се одржаа на плоштадот Тјенанмен во Пекинг. Подоцна оваа година, Кинезите ќе ја прослават 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе