Ким Џонг Ун: Мора да направиме сè за уште повеќе да ги зајакнеме нуклеарните капацитети

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на јакнење на воената моќ и нуклеарното вооружување како средство за одвраќање, извести денес државната новинска агенција КЦНА по завршувањето на конгресот на владејачката Работничка партија кој траеше осум дена.

EPA-EFE

Осмиот партиски конгрес се одржа помалку од две недели пред стапувањето на должност на Џо Бајден како нов претседател на САД и по подолг застој во преговорите за сопирање на севернокорејската нуклеарна програма и програмата за балистички проектили во замена за ублажување на американските санкции.

„Мораме да направиме сè за да, додека ја јакнеме нашата воена моќ, уште повеќе да ги зајакнеме нуклеарните капацитети како средство за одвраќање“, ги пренесува КЦНА зборовите на Ким Џонг Ун на завршувањето на конгресот.

Осумдневниот конгрес во Пјонгјанг е првиот од 2016 и само вториот од 1980 година.

Откако во 2018 година прогласи своевиден мораториум на нуклеарните тестирања и тестирањата на интерконтиненталните балистички проектили, Ким повика на продолжување на производството на нуклеарно оружје како дел од воениот арсенал, лансираше цела низа помали проектили и во октомври ја организираше најголемата воена парада со интерконтинентални балистички проектили.

На конгресот Ким Јо Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер и членка на централниот комитет на партијата, ја критикуваше јужнокорејската војска поради следењето на парадата во Пјонгјанг, кажувајќи дека е очигледен „непријателскиот пристап“ кон Северот.

Нејзината изјава следи откако јужнокорејскиот претседател Мун Јае Ин вети дека ќе се обиде да ги одмрзне преговорите за денуклеаризација.

Ким Јо Џонг, фактички втора во командниот синџир на својот брат, со тие зборови потврди дека нема големи шанси за дијалог со Мун. Нејзината изјава, според аналитичарите, е и доказ за нејзината висока улога во севернокорејскиот режим.

Ким Џонг Ун на конгресот дополнително ја зацврсти својата позиција на врвот на владејачката Работничка партија и е именуван за генерален секретар на партијата.

Неговиот избор за генерален секретар на партијата ја одразува „едногласната волја и желба“ на сите членови на партијата, граѓаните и припадниците на народната војска, соопшти партијата.

Ким Џонг Ун е третиот во династијата на владетели со земјата по своите татко Ким Џонг Ил и дедо Ким Ил Сунг, кои исто така ја имаа функцијата генерален секретар на партијата.

По смртта на неговиот татко на крајот на 2011 година Ким Џонг Ун набрзо беше прогласен за врховен лидер на севернокорејските војска, партија и држава.

На седмиот конгрес на партијата пред пет години беше избран за претседател на партијата.

Северна Кореја останува главно изолирана во светот поради своите нуклеарни амбиции.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе