Претседателот на белоруската држава Александар Лукашенко во понеделникот изјави дека наредил распоредување на војници покрај Украина заедно со руските сили, велејќи дека тоа е одговор на „јасната закана“ за Белорусија од Киев и земјите кои ја поддржуваат Украина.
Забелешките на Лукашенко укажуваат на потенцијална ескалација на војната во Украина, веројатно со заеднички руско-белоруски здружени сили во северна Украина, според АФП.
Лукашенко ја обвини Украина дека подготвува напад врз Белорусија и објасни дека затоа Минск ќе распореди руско-белоруски војници, а трансферот започна пред три дена, по експлозијата на мостот во Крим.
Француската агенција наведува дека Лукашенко не кажал во кои области ќе бидат распоредени тие заеднички трупи, потсетувајќи дека Русија ја користи Белорусија за испраќање војници и опрема во северна Украина од почетокот на инвазијата на таа земја.
Киев тврди дека ирански беспилотни летала биле истрелани од Белорусија кон украинската територија.