Истражувачите од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија имале цел да проценат колку строгиот карантин влијае на растот на бројот на заразените во споредба со помалку рестриктивните мерки.
Тие користеле податоци од Англија, Франција, Германија, Иран, Италија, Холандија, Шпанија, Јужна Кореја, Шведска и САД, собрани во текот на почетните фази на пандемијата во пролетта 2020 година. Ги споредувале податоците од Шведска и Јужна Кореја, двете земји што во тоа време не воведоа строг карантин, со податоците од другите осум земји.
Откриле дека воведувањето какви било рестриктивни нефармацевтски мерки (НПИ), како што се намалено работно време, работа од дома и социјално растојание, помогнало да се спречи зголемувањето на инфекциите во девет од 10 проучувани земји, освен во Шпанија, каде што ефектот бил „безначаен“.
Меѓутоа, кога го споредиле ширењето на епидемијата на места што спровеле помалку рестриктивни мерки со оние што се определиле за целосно затворање, тие не утврдиле „никаков јасен, значаен корисен ефект“ на затворањето врз бројот на случаите во која било земја.
Истражувањето сугерира дека емпириските податоци од подоцнежниот бран на инфекции покажуваат дека рестриктивните мерки не успеваат да ги заштитат ранливите популации. „Пропорцијата на смртни случаи од ковид-19 што се случија во домовите за стари лица честопати беше поголема“ под строг карантин „отколку под помалку рестриктивни мерки“. Исто така, се вели дека има докази што сугерираат дека „понекогаш под порестриктивни мерки, инфекциите може да бидат почести во условите во кои престојуваат ранливите популации споредено со општата популација“.
Истражувањето признава дека блокадите во почетокот на 2020 година биле оправдани затоа што болеста забрзано се ширеше и ги преплави здравствените системи, а научниците и лекарите немаа податоци за смртноста на вирусот. Сепак, тоа укажува на потенцијалните штетни ефекти на строгите рестриктивни мерки врз здравјето, како што се глад, здравствените услуги да станат недостапни за другите болести, домашно малтретирање и проблеми со менталното здравје, а нивните ефекти врз економијата значат дека користа од строгите мерки може да биде преценета и дека треба внимателно да се проучи.
Истражувачите завршуваат со тоа дека иако не можат да исклучат некаква „мала корист“, тие не успеале да пронајдат „значајна корист“ од порестриктивните мерки врз ширењето на инфекцијата. Тие наведуваат дека „слични намалувања“ може да се постигнат со „помалку рестриктивни интервенции“.
Сè поголем број земји неодамна воведоа карантини од различен степен, поради зголемениот број инфекции.