Како една бизарна нацистичка воена машина остави траен белег на животната средина

Тирпиц беше најимпресивниот воен брод на нацистите и најголемиот борбен брод што некогаш бил изграден од европска морнарица. Требаше да биде лесна цел за бомбардерите, но ова големо пловило можеше да ви се скрие пред очи.

Морнарицата на Хитлер користеше токсична вештачка магла за да го скрие бродот кога беше стациониран во некој норвешки фјорд. А, според едно ново истражување, овој краткорочен чад оставил траен белег на некои од живите сведоци на Втората светска војна: дрвјата.

„Ефектите од една битка за време на Втората светска војна сè уште се видливи во шумите на Норвешка, 70 години подоцна“, вели Клаудија Хартл, истражувачка на дрвни прстени во Универзитетот Јоханес Гутенберг во Мајнц, Германија.

Хартл, која ги презентираше своите сознанија на годишниот состанок на Европската геонаучна унија, не тргнала да ја проучува „воената дендрохронологија“. Наместо тоа, зела примероци од јадрото на боровите дрва околу Кофјорд, во близина на северниот раб на Скандинавија, за да реконструира податок за годишните температури во изминатите 2.000 години. (Дрвјата можат да живеат десетици или стотици години, па во ледените езера може да се најдат сочувани дури и постари трупчиња.)

„Дрвјата се погодени од температурата таму, па ако имате студена година, дрвјата формираат тесен прстен, а ако имате топла година, тогаш имате широк прстен“, објаснува Хартл.

На локалитет во близина на фјордот, Хартл и нејзините колеги пронашле дрвја што не произвеле прстен во 1945 година. Оваа „исклучителна стресна реакција“ не се вклопувала во климатските реконструкции на истражувачите, па затоа морале да побараат друго објаснување. И дознале дека во Кофјорд бил стациониран Тирпиц, кој на крај бил потопен од сојузничките бомби, во 1944 година.

Со прекар „Осамената кралица на северот“ кај Норвежаните и „Ѕверот“ кај Винстон Черчил, борбениот брод бил закотвен во Кофјорд како закана за сојузничките бродови што го снабдувале Советскиот Сојуз. Една од одбранбените тактики на нацистите било ослободување хлоросулфурна киселина во воздухот, која привлекува влага и може да создаде облак од чад. Хартл вели дека нема многу во историските записи за влијанието на лажната магла врз животната средина. За супстанцијата е познато дека е корозивна, а групата војници одговорни за производство на овој чад морале да носат посебни заштитни костими.

Истражувачите зеле примероци од борови дрвја од шест локации во близина на фјордот. Дрвјата што биле пооддалечени од вкотвениот Тирпиц биле помалку погодени од маглата. Но на локацијата најблиска до местото на борбениот брод, 60 проценти од дрвјата не произвеле прстен во 1945 година, а некои од дрвјата не растеле ни неколку години по војната. Тимот на Хартл мисли дека дрвјата ги загубиле своите иглички поради маглата, што ѝ наштетило на нивната способност за фотосинтеза.

Воената дендрохронологија може да им се придружи на други нови полиња како „бомбтурбацијата“ (проучување на тоа како бомбите ги менуваат пејзажите), бидејќи научниците почнуваат да го истражуваат влијанието на војната врз животната средина.

„За мене е многу интересно човековото влијание врз екосистемите“, вели Хартл за Лајв саенс. „Ако имате суша, дрвјата исто така покажуваат пад на растот, но може да видите и дека овие дрвја заздравуваат, и обично тоа не трае подолго од пет години. Но во северниот дел на Скандинавија, преку влијанието од Втората светска војна, на дрвјата им требале 12 години за да заздрават. Тоа е навистина силно влијание“.

Црпнатиот Принц од Муртино и библиската земја.

повеќе

Денес спортот и спортистите се дел од политиката и служат како средство за препукување меѓу политичарите.

повеќе

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе