„Претходно зборувавме дека спроведуваме специјална воена операција на територијата на Украина, но војната сега се одвива на наша територија“, порача Кадиров на социјалната мрежа Телеграм истакнувајќи дека е многу незадоволен од ситуацијата.
Тој на западните земји кои го поддржуваат Киев им се закани со уништување. Вонредна состојба веќе е воведена во покраините на границата со Украина, кажа Кадиров. „Но, тие продолжуваат да пукаат во мирните граѓани и цивилните згради“, а рускиот одговор на тоа е „слаб“, порача чеченскиот лидер. Повика на одмазда со разурнување на украинските градови така што „нема да биде можно да се види далечниот хоризонт“.
Кадиров ги обвини САД, Европската Унија и НАТО за „унилатерално предавство“ поради тоа што му испраќаат оружје на Киев. Кажа дека Западот со години се обидувал да ја изгладни Русија „со студена економска војна“, во што не успеал.
Западот сега сака Русија да ја фрли на колена и да ја претвори во роб, додаде Кадиров. „Ќе ги уништиме, колку и да ги има и колку и да испратат војници и технологија“, истакна тој.
Кадиров, познат по својата бруталност во владеењето со Чеченија, стана еден од најжестоките поддржувачи на војната испраќајќи ги и своите малолетни синови во борба.