Јапонскиот брод од кој се излеа нафта во Маурициус се преполови

Јапонскиот товарен брод што предизвика еколошка катастрофа минатиот месец откако се насука на гребен во Маурициус се преполови, објавија властите во саботата.

EPA-EFE/STRINGER

Состојбата на бродот МВ Вакашио се влошила во саботата наутро и до пладне се преполовил, соопшти Националниот кризен комитет на Маурициус.

„Околу 16:30 часот, се одвои предниот дел на бродот“, се вели во соопштението. „Експертите советуваат да се започне со планот за влечење“.

Бродот се насука на коралниот гребен на 25 јули и од него се излеаја 1.000 тони нафта, со што се загрозени коралите, рибите и другите облици на живот во морето. Научниците рекоа дека станува збор за најлошата еколошка катастрофа во земјата досега.

Поголемиот дел од нафтата на бродот е испумпана, но остануваат уште 166 тони нафта и надлежните работат на тоа да се отстранат.

Во петокот, дел од преостанатата нафта се излеа од бродот во океанот, изјави претседателката на Здружението за зачувување на морето на Маурициус.

Властите во саботата поставиле лебдечки бариери за да ја соберат нафтата околу бродот.

Од Кризниот комитет соопштија дека посебно внимание им се посветува на чувствителните места како што се морскиот парк „Блу Беј“, „Ил Озегрет“ и „Поинт Дезни“, прибежиште на ретки животни.

Се очекува во текот на следните неколку дена да се влоши времето, а брановите да достигнат 4,5 метри, соопштија властите. Јапонскиот министер за животна средина Шинџиро Коизуми во саботата изјави дека планира да испрати група службеници од министерството и други експерти за да ја проценат штетата.

Танкерот е долг 299,5 метри и широк 50 метри. Плови под знамето на Панама и е во сопственост на компанијата Окијо Марин, подружница на Нагасики шипинг.

Отстранувањето на бродот веројатно ќе трае со месеци, а помош во чистењето вети Франција.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/STRINGER

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе