Јапонија се прости од Абе на државниот погреб со цвеќиња и топовски оган (ВИДЕО)

Со цвеќиња, молитви и 19 плотуни, Јапонија му оддаде почит на убиениот Шинзо Абе на првиот државен погреб на поранешен премиер во последните 55 години - церемонија што предизвикуваше поделби, како што тој ги предизвикуваше за време на својот живот.

Фото: ЕПА

Церемонијата почна во 7 часот, а пепелта на Абе во салата Нипон Будокан во центарот на Токио ја донесе неговата вдовица Аки, придружувана од музика од воен оркестар и почесен поздрав.

Внатре во Будокан, попознат како концертна сала, голем портрет на Абе со црна лента висеше над низа зелени, бели и жолти цветови. На ѕидот со фотографии е прикажан Абе како шета со лидерите на Г7, се држи за рака со деца и ги посетува областите на катастрофи.

Убиството на Абе на предизборен митинг на 8 јули предизвика серија откритија за врските меѓу пратениците во владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), која тој некогаш ја водеше, и Црквата на обединување, која критичарите ја нарекуваат култ, што предизвика бурни реакции со кои се соочи актуелниот премиер Фумио Кишида.

Кишида, чија поддршка падна на историски минимум, се извини и вети дека ќе ги прекине партиските врски со црквата. Но противењето на оддавањето почест на Абе со државен погреб, прв ваков настан од 1967 година, не стивнува, особено поради трошоците од 11,5 милиони долари што државата ќе ги сноси во време на економски тешкотии што ги чувствуваат обичните граѓани.

Во еден дел од центарот на Токио, демонстрантите мавтаа со знаци и извикуваа дека не сакаат државен погреб за Абе. Но илјадници ужалени се слеваа кон местото на погребот место од рано утрово, принудувајќи ги организаторите да ја отворат салата половина час порано. За неколку часа, околу 10.000 луѓе положија цвеќе и се поклонија во тивка молитва пред сликата на Абе, покажа телевизијата, а многу повеќе чекаа во долги редици.

Шинзо Абе (65), најдолгиот јапонски премиер, националист и прагматик, беше лидер што предизвикуваше поделби и скандали. Најголемата амбиција на овој потомок од семејство на големи јапонски конзервативни политичари беше да го ревидира јапонскиот пацифички устав од 1947 година, кој беше напишан од американските окупатори и оттогаш не е изменет.

Откако ја изгради својата репутација делумно поради тоа што беше строг кон Северна Кореја, Абе сакаше да формира редовна национална армија што ќе ги замени сегашните Сили за самоодбрана, иако уставот наложува Јапонија засекогаш да се откаже од војни.

Тој, исто така, се залагаше за Јапонија ослободена од минатите комплекси и одби да го носи товарот на каење за злосторствата извршени од јапонската армија во Кина и на Корејскиот Полуостров во првата половина на 20 век. Абе, сепак, се воздржуваше од посета на храмот Јасукуни во Токио, голем симбол на јапонскиот национализам, од неговата последна посета кон крајот на 2013 година, која ги налути Пекинг, Сеул и Вашингтон.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе