„Тие сакаат да бидат дел од ЕУ“

Јанша: Мислам дека никој или речиси никој од Западниот Балкан не сака да биде дел од Кина, Русија или Турција

Премиерот на Словенија Јанез Јанша кажа дека Европската Унија не е единствениот инвеститор на Западниот Балкан, туку дека има конкуренти како Кина, Русија и Турција кои не поставуваат услови за инвестициите.

EPA-EFE

„Тие земји не поставуваат услови за инвестициите, додека ЕУ тоа го прави со низа европски стандарди, што е во ред ако има светло на крајот на тунелот. Но, ако перспективата за членство во ЕУ не е гарантирана, тогаш мислам дека ќе почнеме да губиме во тој натпревар“, кажа Јанша за Јуроњуз.

„На наша страна е една голема предност: членството во ЕУ. Мислам дека никој или речиси никој од Западниот Балкан не сака да биде дел од Кина, Русија или Турција. Тие сакаат да бидат дел од ЕУ. Но, ако таа перспектива не е реална, тогаш го губиме замавот и се наоѓаме во клучен момент“, додаде словенечкиот премиер.

Во интервјуто кое го даде на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ Јанша оцени дека напорите на Европската комисија да ги натера членките како Полска и Унгарија да ги почитуваат основните вредности на Унијата се „на граница на кршење на владеењето на правото“.

„Имаме повелба на човековите права на ОН. Имаме Европска повелба на човековите права... но, особено во Европскиот парламент, секој може да додаде на таа листа што сака“, кажа тој.

„Значи, тоа е политички злоупотребен термин и се користи за политичка борба“, додаде словенечкиот премиер.

Зборувајќи за стратегиската автономија на ЕУ и нејзината улога на глобален играч, Јанша се заложи за продолжување на партнерството со САД, во рамки на НАТО.

Додаде, меѓутоа, дека НАТО и САД „нема да ги решат проблемите и конфликтите во нашиот двор и нашето соседство“, односно на Западниот Балкан, на Медитеранот и во Африка.

Словенечкиот премиер смета дека ЕУ треба повеќе да се насочи кон обезбедување на своите надворешни граници наместо да „испраќа пари и хуманитарна помош кои потоа завршуваат во рацете на терористите и воените команданти“.

Кога станува збор за Авганистан, Јанша кажа дека обврска на ЕУ е да им помогне на оние кои ѝ помагале на неа, мислејќи на оние кои работеле за европските дипломатски мисии и кои се евакуирани заедно со државјаните на ЕУ, но дека „во Европа нема место за десет милиони Авганистанци“.

Исто така кажа дека ЕУ „нема да ја повтори грешката која некои земји ја направија во 2015 година“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе