„Ги почитуваме тешките животни трагедии на Џозеф Бајден и некои негови стари политички постигнувања, но кога тој би бил избран, би бил еден од најслабите американски претседатели во историјата, во момент кога на светот му требаат повеќе од кога било силни Соединети Американски Држави“, напиша на својот твитер профил Јанша во постот на англиски јазик и додаде: „Одиме Доналд Трамп, победа“.
Отворено поддржување на конкретни лица или партии на претседателските или парламентарните избори во други држави не е во словенечката политичка традиција, а Јанша е меѓу ретките државници во светот кој тоа го прави пред претседателските избори во САД.
Меѓу другите, тоа во текот на американската изборна кампања го направија унгарскиот премиер Виктор Орбан и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро.
Словенечката левичарска опозиција често го критикува Јанша дека ја „орбанизира“ Словенија бидејќи е пријател со унгарскиот претседател на владата и дека со него го поврзуваат многу сличните погледи на емиграциските прашања и глобализмот и скептичноста кон „централизмот“ и бирократијата во Брисел. Понекогаш го обвинуваат дека го имитира сегашниот американски претседател, меѓу другото со претераната комуникација на социјалните мрежи и острите виртуелни напади врз политичките конкуренти и ненаклонетите медиуми.