Израелската војска соопшти дека нејзините војници биле околу градот Џенин, кој е во епицентарот на голем број неодамнешни судири, обидувајќи се да уапсат осомничени милитанти.
За време на рацијата, војниците „биле цел на директен оган и одговориле со боева муниција, истрелите се идентификувани“, соопшти армијата.
Тројца Палестинци се убиени, соопштија медицинските власти. Исламски џихад објави дека еден од загинатите е нивен член. Локалните жители изјавија дека двајца од убиените биле познати во градот како вооружени напаѓачи.
Третиот човек бил цивил, кој случајно наишол во моментот на пукањето, велат жителите.
Неколку часа подоцна, медицинските власти објавија дека израелски војници убиле 16-годишен Палестинец во близина на градот Рамала на Западниот Брег. Армијата тврди дека отворила оган врз група што фрлала камења и шишиња кон автомобилите што поминувале.
Тензиите меѓу Израелците и Палестинците нагло се влошија оваа година, при што Израел ги засили рациите на Западниот Брег по серијата напади врз неговите градови во март и април.
Според палестинското Министерство за здравство, оваа година се убиени повеќе од 210 Палестинци.
Бројот ги вклучува смртните случаи за време на краткиот конфликт во Газа во август, како и жртвите откако армијата ја почна операцијата на Западниот Брег како одговор на серијата напади во Израел. Меѓу нив има милитанти и цивили.
Во истиот период, израелските власти соопштија дека 23 цивили и осум припадници на безбедносните сили биле убиени во палестинските напади во Израел и на Западниот Брег.