Го споредуваат со смртта на Џорџ Флојд

Израелците и Арапите се обединија во протести поради убиство на аутистичен Палестинец

Рано минатата сабота израелските полицајци втерале во ќош 32-годишен Палестинец со аутизам по потера во Стариот град во Ерусалим, пукале и го убиле, мислејќи дека носи оружје затоа што не ги послушал повиците да застане.

Убиството на младиот Палестинец Ејад Халак, кој одел во училиште за лица со посебни потреби, се споредува со смртта на Џорџ Флојд во Соединетите Американски Држави и предизвика цела низа мали демонстрации против полициското насилство, кои ги надминаа еврејско-арапските поделби.

Ваквите гестови, сепак, не можат да го утешат семејството на убиениот Ејад, кое не се надева дека полицајците што го убиле ќе бидат казнети.

Остана нејасно што точно се случило во саботата наутро.

Семејството вели дека Ејад, носејќи значка што го идентификува како личност со посебни потреби, ја напуштил куќата и тргнал кон блиското училиште.

Полицијата соопшти дека полицајците во Стариот град забележале маж што носи „сомнителен предмет што личел на пиштол“.

Тој не ги послушал повиците да запре и полицијата рече дека отвориле оган и го „неутрализирале“ по потерата.

Учителката на Ејад, која го придружувала на последното патување до училиште, за израелскиот ТВ Канал 13 изјави дека постојано ѝ извикувала на полицијата дека тој е личност со посебни потреби и се обидела да го запре пукањето.

„Не ме слушаа. Не сакаа да ме слушнат“, рече таа, додавајќи дека три куршуми биле испукани кон младиот човек, по што тој паднал на земја, молејќи ја да му помогне, а потоа успеал да избега и да се скрие зад канта за отпадоци. Полицајците го следеле и го убиле.

Најмалку пет дупки од куршуми останале на блискиот ѕид.

Родителите на убиениот веднаш се упатиле кон местото на убиството, но не им било дозволено да го видат.

Полициските службеници подоцна дошле во нивната куќа, ги пцуеле и барале оружје, а семејството подоцна кажало дека не било пронајдено ништо.

Израелското Министерство за правда објави дека двајца полицајци се ставени во домашен притвор, но други детали не се откриени, ниту е објавено видеото од безбедносната камера, а таткото на жртвата, Кири Халак, нема добиено информации од истражителите.

Сепак, низ цел Израел убиството на Халак не е заборавено и покрај тоа што вниманието на светот е насочено кон немирите во Соединетите Држави.

Десетици луѓе, претежно израелски Евреи, во саботата навечер маршираа низ центарот на Ерусалим за да го осудат убиството. Демонстрации во неделата се одржаа и во арапските градови.

Инспирирани од протестот во САД, демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше: „Црните животи се важни“ и „Палестинските животи се важни“ и покажуваа фотографии од Флојд и Халак.

Големи демонстрации за убиството на Палестинецот се планирани за утре во Тел Авив.

„Има ли нешто поосамено од личност со аутизам што се покрива и се тресе од страв до канта за ѓубре, не може да сфати што се случува и зошто, додека полицајците празнат шаржер куршуми во него. Мили боже, тие го погубија. Ако тоа му се случеше на мојот син, мене ќе ми беше тешко да продолжам да живеам“, напиша колумнистот на Хаарец Рогел Алфер, татко на возрасно дете со аутизам.

Ејад Халак сакал да гледа цртани филмови, да се облекува убаво и сонувал еден ден да се ожени, а омилена активност му била прошетката до училиште, каде што доброволно во кујната приготвувал оброци за ученици со посебни потреби.

Две недели пред неговото убиство, ментално болен Арап беше убиен пред израелска болница откако го нападнал чуварот.

За Палестинците од окупираниот Западен Брег и од анектираниот источен Ерусалим, овие случаи се доказ дека припадниците на израелските сили се лесни на чкрапец кога ќе се соочат со осомничени Арапи.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе