Израел трупа војска на границата со Газа, почнува копнена инвазија? (ВИДЕО)

Израел утрово трупа војска на границата со Газа. Се очекува во текот на денот да добие одобрение за упад на војската во таа област.

Фото: ЕПА

Според Тајмс оф Израел, кој се повикува на воени извори, во моментов се подготвуваат планови за инвазија во Газа и ќе ѝ бидат презентирани на армиската команда во текот на денот. Потоа, плановите одат на одобрување од политичкото раководство на земјата.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги подготвиле плановите за копнен напад врз Газа како одговор на ракетниот напад од Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, наводно, ја отфрлил понудата да се прекинат непријателствата „на заедничка основа“.

Дополнителни трупи се распоредени на границата со Газа, вклучително и војници од Падобранската бригада, Голанската пешадиска бригада и од 7-та оклопна бригада, изјави денеска за новинарите портпаролот на ИДФ, бригадниот генерал Хидаи Зилберман.

„Подготвени сме за маневрирање и, во принцип, ИДФ одобри неколку различни планови за копнена офанзива“, рече портпаролот, истакнувајќи дека конечната одлука за преминување на границата сè уште не е донесена од владата.

Планот за упад на војската во Газа доаѓа во време на најжестоките израелско-палестински судири во последните години, според Ројтерс. Агенцијата наведува дека плановите за копнена инвазија на Газа се „во различни фази на подготовка“.

Ваква копнена акција на армијата во Газа не е видена од 2014 година.

Во текот на ноќта, Хамас лансираше серија ракети кон Тел Авив, поради што се огласија сирените, а илјадници Израелци се упатија кон засолништата.

Утрово Израел ги интензивираше воздушните напади врз Газа, при што една 14-катна зграда е целосно уништена.

Најмалку 67 лица се убиени во Газа од понеделникот, кога ескалираше ситуацијата, соопшти Министерството за здравство на Појасот Газа. Седум лица беа убиени во Израел, соопштија израелските здравствени власти.

Вчера израелските сили убија командант на Хамас и бомбардираа неколку згради, вклучително и облакодери и банка, за која Израел рече дека е поврзана со активностите на фракциите.

Зилберман рече дека ИДФ го прошириле опсегот на воздушните напади и почнале да ги уништуваат „централните банки и внатрешните безбедносни згради“ во Газа. „Хамас почнува да наоѓа пукнатини и има притисок во организацијата, дури и кај јавноста во Газа, која го губи трпението и ги гледа овие урнатини“ пред муслиманскиот празник Курбан Бајрам, рече тој.

Хамас најави отпор, а лидерот Исмаил Ханије рече дека „судирот со непријателот е отворен“.

Израел ја почна офанзивата откако Хамас испука ракети кон Ерусалим и Тел Авив како одмазда за израелската полициска пресметка со Палестинците во близина на џамијата Ал-Акса во источен Ерусалим за време на Рамазан.

Ова ескалираше пред судското рочиште, кое сега е одложено, а кое може да доведе до иселување на палестински семејства од домовите во источен Ерусалим, како што бараат еврејските доселеници.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе