Израел гаѓаше 130 цели во појасот Газа - загинаа 24 лица, меѓу кои и деца (ВИДЕО)

Најмалку 24 жители на појасот Газа, од кои девет деца, се убиени, а над 100 се повредени, претежно во израелски воздушни напади од синоќа до утрово, објави Министерството за здравство на палестинската територија со која управува Хамас, а пренесоа израелските медиуми.

Фото: ЕПА

Израелската војска соопшти дека се убиени најмалку 15 припадници на Хамас и дека биле испукани околу 200 ракети од појасот Газа во правец на Израел, вклучувајќи десетици пресретнати од ракетниот одбранбен систем „Железна купола“. Ранети се шест израелски цивили.

Во знак на одмазда, погодени се околу 130 цели во Газа, вклучувајќи ги и куќата на висок командант на Хамас, седиштето на разузнавачката служба, два напади на тунели ископани од екстремисти во близина на граничната безбедносна ограда и објекти за производство на ракети, како и складишта.

Во градот Ашкелон на југот на Израел во баражен оган се ранети тројца Израелци.

Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со појасот Газа, рече дека нападот врз Ашкелон рано утрово е одговор на израелскиот напад врз станбена зграда во близина на градот Газа. Во соопштението на Хамас се вели дека „ќе го претвори Ашкелон во пекол“ доколку израелската армија продолжи да гаѓа цивилни згради во Газа, пренесоа израелските медиуми.

На фотографиите од Газа се гледа дека била погодена станбена зграда во бегалскиот камп Ал Шати.

Палестинските медиуми известија и за израелските напади околу јужните градови Рафа и Кан Јунис и дека зграда е уништена и во населбата Тел ал-Хава во градот Газа. Сирените и во текот на ноќта продолжија да свират во пограничната област во јужен Израел.

Лидерот на Хамас, Исмаил Хание, најави дека ракетните напади ќе продолжат сѐ додека Израел не го запре „целиот тероризам и агресија во Ерусалим и џамијата Ал Акса“.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека 700 Палестинци биле повредени во судирите со израелските сили во Ерусалим, кои почнаа пред ракетниот напад од Газа и по целиот Западен брег, вклучувајќи 500 што биле лекувани во болница, пренесоа агенциите.

Како што е наведено, повеќе од 600 од нив се повредени само во Ерусалим. Израел соопшти дека во судирите биле ранети 32 израелски полицајци.

Хамас во понеделникот му постави два ултиматуми на Израел, првиот дека ќе ја нападне земјата ако не ги повлече своите сили од Ридот на храмовите во Ерусалим, каде што се наоѓа Ал Акса, до 18 часот по локално време, и вториот тоа да го стори до два часот наутро.

Портпаролот на израелската армија денес изјави дека не е исклучена копнена операција и дека се чини дека конфликтите ќе траат. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот предупреди дека судирите може да продолжат уште некое време.

„Нашата нога е на педалот“, изјави портпаролот Хидал Зилберман за израелското воено радио, додавајќи дека нападите врз Газа досега биле значителни.

Зилберман не исклучи ниедна можност, навестувајќи дека се повикуваат резервистите. Во меѓувреме, силите низ целата земја се зајакнати додека насилството продолжува.

Како и претходните конфликти, и овој последниов беше поттикнат од спорот за статусот на Ерусалим, чиј источен дел израелската армија го освои во војната во 1967 година и подоцна го анектираше, наведува Асошиејтед прес.

Палестинците планираат источен Ерусалим да го направат главен град на својата независна држава.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе