„За заштитата на здравјето на италијанските граѓани не може да се преговара“, предупреди Аркури.
Тој додаде дека „кампањата за вакцинација не може да се забави, а уште помалку давањето втора доза на многу Италијанци што веќе ја примиле првата“ доза од вакцината на Фајзер.
Фајзер и германскиот партнер Бионтек во петокот неочекувано објавија дека нема да можат да го обезбедат количеството на вакцини за кое се обврзале, што предизвика гнев кај европските земји, кои веќе се критикувани поради бавноста на кампањата за вакцинација.
Лабораториите утредента уверија дека имаат „план“ да го ограничат одложувањето на испораките на вакцините на една недела.
Сепак, Аркури рече дека Фајзер го известил Рим за понатамошно одложување на испораката на вакцините.
И министерот за здравство на Германија го критикуваше Фајзер дека предоцна ги известил за привременото намалување на испораките на вакцини, додека ги надградува своите фабрички капацитети.