Бајден, на кој му се потребни 270 електорски гласа за победа, освои 279 наспрема 214 колку што освои сегашниот американски претседател Доналд Трамп.
Бајден освои 76,3 милиони гласови 50,7 отсто од гласовите на гласачите, а Трамп 71,6 милиони, односно 47,6.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос која е спроведена од саботата до вторникот утврдила дека 79 отсто од возрасните Американците веруваат дека Бајден ја освоил Белата куќа.
Три отсто веруваат дека победил Трамп.
За 13 отсто изборите сè уште не се одлучени, а пет отсто од анкетираните немаат став за тоа кој победил на изборите.
Речиси секој демократ и околу 60 отсто од републиканците веруваат дека победил Бајден.
Едисон рисрч, кој ги спроведува анкетите за Ројтерс и други медиуми, во саботата објави дека Бајден победил на американските избори откако го зголеми водството пред Трамп во една од клучните држави – Пенсилванија.
Трамп не го признава поразот и без доказ тврди дека имало масовна измама на изборите.
Според анкетата 70 отсто од Американците меѓу кои 83 отсто од демократите и 59 отсто од републиканците им веруваат на своите изборни комисии дека чесно си ја работат работата.
Истражувањето покажало дека 72 отсто од анкетираните веруваат дека губитникот мора да го признае поразот, а 60 отсто веруваат дека Трамп во јануари мирно ќе ја предаде власта.
Анкетата била спроведена врз 1.363 анкетирани.