Историско судење: Саркози пред суд за корупција

Во Париз денеска почнува судски процес против поранешниот француски претседател Никола Саркози, обвинет за корупција и злоупотреба на влијание.

Фото: ЕПА

Случајот е прв во низата истраги против десничарскиот политичар, кој ја водеше Франција помеѓу 2007 и 2012 година, а беше покренат по повеќегодишните обиди да се отфрлат или поништат обвиненијата.

Обвинителството ги обвинува Саркози и неговиот адвокат Тиери Херцог дека се обиделе да го поткупат судијата Гилбер Азибер за да им даде тајни информации од друга истрага против поранешниот француски лидер. Саркози е обвинет дека за возврат му понудил на Азибер удобна работа на Азурниот брег.

Саркози беше мета на повеќе истраги, од обвинувања дека незаконски примал пари од сега починатиот либиски лидер Моамер Гадафи до земање процент од продажба на оружје во Пакистан.

Француските детективи почнале да ги следат комуникациите на Саркози во септември 2013 година, како дел од истрагата за обвинувањата дека примил непријавена и незаконска донација од 50 милиони евра од Гадафи за финансирање на претседателската кампања во 2007 година.

Собраните податоци ги насочиле во сосема друг правец. Откриено е дека поранешниот претседател и Херцог тајно комуницирале преку мобилни телефони користејќи лажни имиња. Саркози бил Пол Бизмут, пишува Гардијан.

Дополнителното прислушување телефонски разговори открило дека Саркози бил во контакт со Азибер, тогашен судија на Касациониот суд, највисокиот суд во Франција, и тоа преку Херцог, за да извлече доверливи информации за друга истрага за тоа дека Саркози добил донации од наследничката на Лореал, Лилијан Батенкур. Истражителите ги заплениле дневниците на Саркози како дел од истрагата на Батенкур, а поранешниот претседател наводно сакал Азибер да дознае што планираат со нив. За возврат, тој ветил дека ќе му помогне на Азибер да добие место во Монако.

Случајот Батенкур на крај беше отфрлен, но потоа беше отворена истрага за корупција и злоупотреба на влијание.

Саркози секогаш одлучно ги негираше сите обвинувања, а еднаш изјави дека обвинувањата се „навреда за неговата интелигенција“.

Саркози, Херцог и Азибер се обвинети за корупција и злоупотреба на влијанието. Херцог и Азибер се обвинети и за „откривање на професионални тајни“. Доколку бидат осудени, може да добијат 10 години затвор и големи парични казни.

Канцеларијата на националниот финансиски обвинител (ПНФ) го обвини Саркози дека се однесува како „искусен криминалец“, а неговите адвокати дека ја „парализираат“ истрагата со голем број жалби.

Поддржувачите на Саркози, вклучително и поранешната министерка за правда Рашида Дати, за возврат го обвинуваат ПНФ, основан од претходникот на Саркози, социјалистот Франсоа Оланд, дека дели „политичка правда“.

Сепак, Фабрис Афри, уредник на сајтот Медијапарт, кој спровел повеќе истраги во врска со наводите за политичка корупција, за Обзервер изјави дека обидите на Саркози да го сврти вниманието од себе и да покаже со прст кон судскиот и политичкиот систем се „чист популизам“.

„Ова е историско судење во Франција, бидејќи првпат претседател ќе се појави на суд под обвинение за корупција. Ова е дефинитивно клучниот и веројатно најголем тест за француските судии за борба против корупцијата“, рече Афри.

„На Саркози му се суди, но наместо да одговори на обвиненијата, тој се обидува да покаже со прст кон францускиот судски систем и да му ја префрли вината. Тука имаме поранешен претседател што се однесува како Берлускони и Трамп“, додаде тој.

Саркози се очекува следната година да се појави на суд за друг случај, таканаречената „афера бигмалион“, каде што е обвинет за трошење огромни суми пари за кампањата во 2012 година. Датумите на рочиштата за другите истраги поврзани со Саркози сè уште не се утврдени.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе