Иселено половина население на Нагорно Карабах, борбите не престануваат (ВИДЕО)

Половина од населението на Нагорно Карабах е раселено поради конфликтот на спорниот регион во Азербејџан населен главно со Ерменци, објавија денес властите во главниот град Степанакерт.

EPA-EFE

Конфликтот кој рускиот претседател Владимир Путин го нарече трагедија повторно се разгоре на 27 септември. Црвениот крст, невладините здруженија и посредникот во кризата кој ги претставува Русија, Франција и САД го осудија во последните денови сѐ поголемиот број цивилни жртви, но завојуваните страни ги отфрлаат повиците за примирје.

„Тоа е една голема трагедија. Инсистирам на прекин на огнот што е можно побрзо“, кажа Путин.

„Единаесеттиот ден од борбте околу 50 отсто од населението на Нагорно Карабах е раселено, од кои 90 отсто се жени и деца“, кажа Артак Белгаријан, функционер на самопрогласената република, додавајќи дека станува збор за 70.000 до 75.000 раселени лица.

Нагорно Карабах има околу 140.000 жители, од кои 99 отсто се Ерменци, додека Азербејџанците избегаа во текот на војната во деведесеттите.

Ерменците го обвинуваат Азербејџан дека од петокот интензивно го бомбардира нивниот главен град Степанакерт, поради што повеќето од 50.000 жители го напуштиле градот, или се во скривници.

Градот цела ноќ од вторникот кон среда бил гаѓан со ракети со калибар 300 милиметри од повеќецевни ракетни системи „смерч“, чија намена е уништување луѓе, оклопни возила во концентрирани области, непријателска техника, артилерија и командна структура, и за нанесување што поголема материјална штета на непријателот.

Франс прес јави дека потоа, по кратката утринска пауза, на градот му се нафрлиле дронови.

Противвоздушната одбрана на ерменските борци се обидела да ги урне, но биле слабо видливи на облачното време. Цела ноќ во Степанакерт одекнувале сирени.

Но, и Азербејџан ги обвинува противниците за гаѓање цивили, тврдејќи дека од почетокот на непријателствата биле уништени 427 домови во кои живееле 1.200 луѓе.

Нагорно Карабах, населен во советско време со мнозински христијански Ерменци и малцински шиитски Азери, се отцепи од Азербејџан по распадот на СССР, предизвикувајќи војна во која загинаа околу 30.000 луѓе.

Конфликтот е замрзнат од прекинот на огнот во 1994, со редовни пресметки.

Двете страни се обвинуваат дека се одговорни за повторното разгорување на конфликтот на 27 септември и не одговараат на повиците за прекин на огнот.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан ја обвини Турција, сојузничката на Азербејџан, дека со „својот активен ангажман ја предизвикала војната“.

Потпомогнат од Анкара, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев исклучи секаква можност за примирје без ерменско повлекување од Нагорно Карабах.

Русија, регионалниот арбитер, одржува добри односи со двете страни, но е поблиска до Ерменија, која е дел од воениот сојуз во кој главниот збор го има Москва.

Путин, меѓу другото, изјави дека неговата земја во случај на директен напад врз Ерменија ќе ги „исполни своите обврски“ во рамки на Организацијата за заедничка безбедност, военополитичкиот сојуз на постсоветските земји (Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија, Киргистан и Таџикистан).

„Ако една земја е нападната, останатите имаат обврска да ја бранат“, порача Кремљ.

Ерменците од Нагорно Карабах и Азербејџанците тврдат дека едни на други си нанеле тешки загуби, но изгледа дека засега ниедна страна не остварила значителна предност на теренот, иако Баку се фали со освојување повеќе села и дел од границата со Иран.

Баку не објави никакви воени загуби, туку само смрт на 29 цивили. Нагорно Карабах брои 240 загинати војници и 19 цивили.

Станува збор за конфликт кој би можел да има несогледливи последици имајќи предвид дека на Кавказот се судираат интересите на Русија, Турција, Иран и Западот.

Современи Ерменија и Азербејџан станаа дел од Советскиот Сојуз во дваесеттите години од минатиот век. Нагорно Карабах отсекогаш била област со мнозинско ерменско население, но советските власти контролата врз тој автономен регион им ја дале на азербејџанските власти.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе