Во време на интензивирани тензии на Техеран и Вашингтон поради иранската нуклеарна програма и американскиот притисок врз Иран, елитната единица Чувари на исламската револуција ја гаѓале метата која државната телевизија ја опиша како „хипотетички непријателски бродови“ оддалечени 1.800 километри.
Во прилогот, во кој се гледа како два проектили ја погодуваат метата, иранската телевизија не наведе кој тип на проектил е користен.
Чуварите на исламската револуција вчера, за време на првата фаза на вежбата, лансирале балистички ракети земја-земја и беспилотни летала против „хипотетички непријателски бази“.
Воената вежба која според наводите на државната телевизија се одвива во голема пустина во централниот дел од земјата, е најновата во серијата вонредни во време на засилените тензии околу иранската нуклеарна програма.
Претставени беа и нов носач на хеликоптери и нов ракетен брод кој ќе пружи поголема безбедност во Заливот што се однесува до потенцијалните воени закани од САД, наведуваат ирански извори.
Во последните недели во Иран кружеа нагаѓања дека американскиот претседател во заминување Доналд Трамп би можел да испровоцира воен конфликт со Иран пред да замине од Белата куќа.
Шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф изјави дека Трамп и неговиот државен секретар Мајк Помпео сакаат да го продолжат „военото провоцирање“ во своите преостанати денови на власт.
„На светот ќе му биде подобро без нив“, напиша Зариф на Твитер.