Иран се согласи да ѝ испорача проектили и уште беспилотни летала на Русија

Иран вети дека ќе ѝ даде на Русија ракети земја-земја, плус уште повеќе беспилотни летала, рекле за Ројтерс двајца високи ирански претставници и двајца ирански дипломати, потег што веројатно ќе ги разбесни САД и другите западни сили.

Фото: ЕПА

Договорот бил склопен на 6 октомври, кога првиот потпретседател на Иран, Мохамад Мокбер, двајца високи функционери од моќната иранска Револуционерна гарда и официјален претставник на Врховниот совет за национална безбедност ја посетија Москва на разговори со Русија за испораката на оружје.

„Русите побараа повеќе беспилотни летала и оние ирански балистички ракети со подобрена прецизност, особено семејството на ракети Фатех и Золфагар“, рече еден од иранските дипломати, кој бил информиран за патувањето.

Западен претставник информиран за ова прашање го потврдил тоа, велејќи дека постои договор меѓу Иран и Русија за обезбедување балистички ракети земја-земја со краток дострел, вклучувајќи ги и Золфагар.

Едно од беспилотните летала што Иран се согласил да ги испорача е Шахед-136, оружје со делта-крила што се користи како „камикази“ летало за напад воздух-земја. Носи мала боева глава, која експлодира при удар.

Фатех-110 и Золфагар се ирански балистички ракети земја-земја со краток дострел, способни да погодуваат цели на растојанија помеѓу 300 км и 700 км.

Иранскиот дипломат ги отфрлил тврдењата на западните официјални лица дека таквите трансфери ја прекршуваат резолуцијата на Советот за безбедност на ОН од 2015 година.

„Каде се користат не е прашање на продавачот. Ние не заземаме страна во украинската криза како Западот. Сакаме крај на кризата преку дипломатски средства“, рекол дипломатот.

Украина во последните недели пријавува серија руски напади со помош на беспилотни летала Шахед-136 произведени од Иран. Иранското Министерство за надворешни работи во вторникот ги отфрли како неосновани информациите дека Иран ѝ доставува дронови и друго оружје на Русија за употреба во Украина, додека Кремљ во вторникот негираше дека неговите сили користеле ирански беспилотни летала за да ја нападнат Украина.

На прашањето дали Русија користела ирански беспилотни летала во нејзините напади во Украина, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Кремљ немал никакви информации за нивна употреба.

„Се користи руска опрема со руска номенклатура“, рече тој. „Сите дополнителни прашања треба да се упатат до Министерството за одбрана.“

Министерството не одговорило на барањето за коментар.

Појавата на ирански ракети покрај беспилотните летала во арсеналот на Москва во војната со Украина ќе ги зголеми тензиите меѓу Иран и САД и другите западни сили.

Испорака „наскоро, многу скоро“

Американскиот Стејт департмент оцени дека ирански беспилотни летала биле користени во понеделникот во нападот врз украинскиот главен град Киев при утринскиот сообраќаен метеж, изјави американски претставник. Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, исто така, го обвини Техеран дека лаже кога вели дека Русија не користи ирански беспилотни летала во Украина.

Еден европски дипломат рече дека неговата земја проценува дека на Русија ѝ е потешко да произведува оружје за себе со оглед на санкциите за нејзиниот индустриски сектор и затоа се врти кон увоз од партнерите како Иран и Северна Кореја.

„Дроновите и ракетите се логичен следен чекор“, рече европскиот дипломат.

Високиот командант на иранската Револуционерна гарда Хосеин Салами минатиот месец рече дека некои од „големите светски сили“ се подготвени да купат воена и одбранбена опрема од Иран, вели Ројтерс.

Рахим Сафави, воен советник на врховниот лидер на Иран, во вторникот беше пренесен од државните медиуми дека 22 земји сакаат да купат ирански беспилотни летала.

Неколку земји на Европската Унија во понеделникот повикаа на санкции кон Иран поради неговото снабдување со беспилотни летала за Русија, а блокот договори и посебни санкции поради задушувањето на немирите од Техеран.

„Тие (Русите) сакаа да купат стотици наши проектили, дури и оние со среден дострел, но ние им рековме дека наскоро можеме да испратиме неколку стотици од нивните барани проектили земја-земја со краток дострел Золфагар и Фатех 110“, рекол еден на безбедносните службеници.

„Не можам да ви дадам точно време, но наскоро, многу скоро тие ќе бидат испорачани во 2 до три пратки“.

Москва конкретно побара ракети земја-земја со краток дострел Фатех 110 и Золфагар, а испораката ќе се случи за максимум 10 дена, рече друг ирански дипломат.

Неколку високи ирански функционери се огорчени поради „неправедните“ планирани санкции кон Иран поради неговите испораки на оружје за Русија, рекол еден ирански дипломат.

Во септември Техеран го одби барањето на претседателот Владимир Путин за набавка на софистицираните ирански беспилотни летала со долг дострел Араш 2, рекле тројца ирански официјални лица за Ројтерс.

На прашањето за причината за одбивањето, едно од официјалните лица навело неколку пречки, вклучително и „некои технички проблеми“.

„Исто така, командантите на (Револуционерната) гарда беа загрижени дека ако Русија го употреби тој Араш 2 дрон во Украина, Американците може да добијат пристап до нашата технологија“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе