Иран не сака нови преговори за нуклеарниот договор, ниту Саудиска Арабија да биде вклучена

Иранското министерство за надворешни работи во саботата ја отфрли можноста за нови преговори за нуклеарниот договор на Техеран со светските сили и воведување нови учесници, откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека во какви било нови преговори треба да учествува и Саудиска Арабија.

EPA-EFE/IRAN ATOMIC ENERGY ORGANIZATION

„Нуклеарниот договор е мултилатерален, меѓународен договор ратификуван од Советот за безбедност на ООН, за кој не може да се преговара, а страните во него се јасни и непроменливи“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатизабед, пренесуваат иранските државни медиуми.

Иран почна да ги крши условите на договорот за ограничување на збогатувањето на ураниум откако Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор во 2018 година за време на мандатот на Доналд Трамп, кој повторно воведе санкции за Техеран.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден рече дека ќе се врати на договорот само доколку Техеран во целост почне да ги почитува одредбите од договорот.

Саудиска Арабија и нејзиниот сојузник Обединетите Арапски Емирати изјавија дека и земјите од Заливот овој пат би требало да бидат вклучени во новите преговори.

Макрон во петокот рече дека овој пат треба да се избегне „грешката во исклучувањето на другите земји“ од регионот од 2015 година, кога се преговараше за договорот, објави телевизијата Ал Арабија.

Саудиска Арабија, која посредно е вклучена во неколку војни во регионот со Техеран, вклучително и онаа во Јемен, ја поддржа кампањата на Трамп за „максимален притисок“ врз Иран.

Макрон рече дека какви било нови преговори со Иран за нуклеарен договор ќе бидат многу строги и дека останува малку време да се спречи Техеран да се вооружи со нуклеарно оружје.

Хатизабед рече дека Макрон треба да „покаже воздржаност“.

„Ако француските власти се загрижени за нивната голема продажба на оружје на арапските земји од Персискиот Залив, подобро да ги преиспитаат своите политики“, рече Хатизабед.

„Француското оружје, заедно со другото западно оружје, не само што предизвикува масакр врз илјадници Јеменци, туку е и главна причина за нестабилност во регионот“, додаде портпаролот.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/IRAN ATOMIC ENERGY ORGANIZATION

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе