Иран: Американските бродови кои им се закануваат на иранските ќе бидат уништени

Иран ќе ги уништи американските воени бродови кои ја загрозуваат безбедноста на иранските бродови во Персискиот Залив, изјави на државната телевизија шефот на иранската елитна Револуционерна гарда, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран за „вознемирување" на американските бродови.

„Им наредив на нашите поморски сили да ги уништат сите американски терористички сили во Персискиот Залив кои ја загрозуваат безбедноста на иранските воени и сите други бродови“, рече генералот Хосеин Салами.

„Безбедноста на Персискиот Залив е дел од стратешките приоритети на Иран“.

Трамп во средата изјави дека ѝ наредил на американската морнарица да пука на иранските бродови кои ги вознемируваат на море, но подоцна рече дека не ги менува воените правила на делување.

Претходно американската војска објави дека 11 бродови на иранската Револуционерна гарда се доближиле до американски воени бродови во Персискиот Залив на „опасен и вознемирувачки“ начин.

Техеран за инцидентот го обвини својот долгогодишен непријател.

„На Американците им порачувам дека сме целосно одлучни и сериозни во одбраната на нашата национална безбедност, нашата поморска граница, нашата безбедност во пловидбата и на нашите безбедносни сили. Одлучно ќе одговориме на каква било саботажа“, рече Салами.

„Американците ја искусија нашата моќ во минатото и мора од тоа да научат“.

Тензиите меѓу Иран и САД пораснаа во 2018 година, откако Трамп се повлече од иранскиот нуклеарен договор со шестте светски сили од 2015 година и повторно му наметна санкции на Техеран.

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф му сугерираше на Трамп да се посвети на спасување на американските трупи од епидемијата на коронавирус.

„Во американската војска има над 5.000 заразени. Исто така, американските сили немаат што да прават на повеќе од 11.000 километри од дома и да ги провоцираат нашите морнари на нашите сопствени брегови на Персискиот Залив“, напиша Зариф на Твитер.

Иранската Револуционерна гарда во средата објави дека го лансирале првиот воен сателит во орбитата. Објавата беше критикувана од Вашингтон.

Американската војска тврди дека истата балистичка технологија со долг дострел која се користи за испраќање сателити во орбитата би можела да му овозможи на Техеран да лансира ракети со долг дострел, еден ден и со нуклеарни боеви глави.

Техеран ги отфрла американските тврдења дека со овие активности прикрива развој на балистички проектили и наведе дека никогаш не тежнеел да развие нуклеарно оружје.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе