„Властите на Јужна Африка запленија стотици дози лажни вакцини против ковид-19 по дојава од Интерпол кој предупреди дека вакцините се омилена мета на криминалните мрежи“, истакна меѓународната организација за полициска соработка.
Тројца кинески државјани и еден Замбиец се уапсени во операцијата спроведена во градот Гермистон, каде што е откриено и „големо количество фалсификувани маски“.
Интерпол ѝ помогнал на Кина каде полицијата „открила мрежа за продажба лажни вакцини против ковид-19 и упаднала во погонот за производство, апсејќи 80 осомничени и запленувајќи над 3.000 дози од лажната вакцина“.
„Иако сме задоволни од резултатот, ова е само врвот на глечерот што се однесува до криминалот поврзан со вакцините за ковид-19“, оцени генералниот секретар на Интерпол Јирген Шток, се наведува во соопштението.
„Овие апсења ја потврдуваат важноста на Интерпол во обединувањето на главните учесници во јавниот и приватниот сектор за заштита на јавната безбедност“, додаде Шток.
Интерпол повторно предупреди дека на интернет се продаваат неодобрени вакцини. „Вакцините кои се рекламираат на сајтовите или на даркнетот не се легитимни ниту тестирани и можат да бидат фатални“.