„Жените ќе ја добијат оваа војна“

Илјадници жени во Турција протестираат против Ердоган: „Доста од патријархалната држава“ (ВИДЕО)

Повеќе илјади луѓе, главно жени протестираа вчера низ Турција барајќи од претседателот Реџеп Таип Ердоган да се откаже од одлуката за напуштање на Истанбулската конвенција против насилството врз жените.

EPA-EFE

„Поништи ја својата одлука, смени го указот!“, скандираа илјадниците жени и мажи во Истанбул. Демонстрантите истакнуваа портрети на убиени жени и транспаренти на кои пишуваше „Жените ќе ја добијат оваа војна“.

„Доста е од оваа патријархална држава. Доста од чувството на несигурност. Доста!’, кажа една од демонстрантките.

Помали протести беа одржани во Анкара и во Измир, пренесуваат турските медиуми.

Турција се повлече од Истанбулската конвенција за женските права, чија намена е да ги штити жените од насилство, а одлуката на турскиот претседател беше објавена во официјалните весници вчера наутро.

Ердоган лично ја потпиша конвенцијата во Истанбул додека беше премиер.

Подоцна беше ратификувана во Турција, но според турската платформа Ќе го сопреме фемицидот, никогаш не дојде до нејзина примена.

Одлуката за повлекување од Истанбулската конвенција е донесена во момент кога бројот на убиени жени со години е во пораст, што предизвикува гнев на организациите за заштита на женските права и критики од Европската Унија.

Повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција е „поразувачка вест и таа ги загрозува правата на жените во таа земја“, истакна Советот на Европа, паневропската организација чија членка е Анкара и под чие покровителство турската влада го потпиша договорот во 2011 година.

„Тоа е вистинското лице на турската влада, таа целосно ги занемарува владеењето на законите и човековите права“, предупреди на Твитер известувачот на Европскиот парламент за Турција Начо Санчез Амор.

Ердоган напуштањето на Истанбулската конвенција за прв пат го спомна минатата година, во обид за групирање на своето конзервативно гласачко тело соочено со сè поголемите економски тешкотии.

Конзервативните и исламистичките групи побараа да го напушти договорот и тврдеа дека им штети на „традиционалните семејни вредности“ и дека ја фаворизира ЛГБТ заедницата.

Противниците на турскиот претседател вчера остро го критикуваа повлекувањето од договорот.

„Огорчува најавата за повлекување од Истанбулската конвенција среде ноќ, додека секој ден дознаваме за нови случаи на насилство врз жените“, изјави градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, еден од главните противници на Ердоган. „Тоа е газење на долгогодишната борба на жените“.

Според организацијата Ќе го сопреме фемицидот, најмалку 300 жени биле убиени од мажите во Турција само минатата година, а 77 од почетокот на оваа година.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе