Илјадници жени во САД протестираа против Трамп (ВИДЕО)

Илјадници жени протестираа во саботата во САД против Доналд Трамп и неговото назначување на конзервативната судијка во Врховниот суд.

Фото: ЕПА

Судијката Ејми Кони Барет, побожен католик, е назначена на празното место на либералната икона Рут Бадер Гинсбург, која почина на 18 септември, а американскиот претседател смета дека со републиканското мнозинство во Сенатот ќе го потврди својот избор пред претседателските избори на 3 ноември.

Се очекува да пристигнат повеќе од 100.000 луѓе, изјавија организаторите на Женска прошетка 2020, што ќе се одржи во градовите низ целата земја, од Њујорк до Лос Анџелес и од Чикаго до Форт Лодердејл, Флорида.

Протестот е организиран по примерот на протестот што се одржува секоја година од 2017 година и на кој учествуваат милиони луѓе низ целата земја.

Иако одзивот во Вашингтон бил помал поради пандемијата, илјадници луѓе се вклучиле во раните попладневни часови во поворката која поминала пред Врховниот суд и американскиот Конгрес.

Група демонстранти дошле во црвени наметки и со бели капи како слугинки од серијата Приказна на робинката, снимен по истоимениот роман што ја опишува Америка претворена во патријархална диктатура во која некои жени стануваат сексуални робинки.

Други ја носеле познатата широка бела јака и црна туника како Рут Бадер Гинсбург, позната и како РБГ, истакната активистка за правата на жените, со судиски чекан во раката.

Во Њујорк, каде се планирани пет различни собири, околу триста демонстранти се собрале на плоштадот Вашингтон со розови капи и со пораки за поддршка на Џо Бајден, демократскиот кандидат на претседателските избори, и сеќавања на РБГ.

„Навистина е важно да се биде тука и да се повикаат луѓето да гласаат против Доналд Трамп и неговата мизогинистичка политика“, изјави за Франс Прес Ивон Шеклтон, која дошла од Олбени, главниот град на Њујорк.

Скоро 400 луѓе се собрале во Бруклин, местото каде што е родена судијката Гинсбург.

„Со овој јавен собир навистина сакаме да му оддадеме почит на наследството на Рут Бадер Гинсбург и да изразиме противење на назначувањето на нејзина наследничка затоа што изборите веќе се започнати“, изјави за АФП Лиа Минкоф, организаторка на собирот.

Ејми Кони Барет, која оваа недела е сослушана во Сенатот, рече дека верата нема да влијае на нејзината работа како судијка, но не сакала да коментира за некои горливи прашања, вклучително и абортусот, на што лично се спротивставува.

Напротив, таа стави до знаење дека одлуката на Високиот суд, со која на Американките во 1973 година им е овозможено да абортираат, не е врежана во камен.

Ејми Кони Барет треба да биде потврдена од членовите на горниот дом на Конгресот на САД по 22 октомври. Доколку биде потврдена, Врховниот суд ќе има шест конзервативни и тројца либерални судии, што е цврсто мнозинство.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе