На улиците повторно излегоа илјадници демонстранти кои се собраа во помали групи низ Минск, што е нова тактика на противниците на власта кои на тој начин сакаат да ѝ ја отежнат работата на полицијата.
Полицијата на Минск соопшти дека уапсила над 300 луѓе, додека групата за заштита на човековите права Весна (пролет) ги објави имињата на 189 приведени лица во Минск и другите поголеми градови.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои меѓу другото пишуваше „Дај им на Белорусите подарок: Исчезни!“, порака упатена до Лукашенко.
Тие извикуваа „Веруваме! Можеме! Ќе победиме!“
Полицијата денес во Минск по улиците патролирала со необележани возила за да ги идентификува демонстрантите.
Пред почетокот на протестите, полицијата утринава поставила водени топови во центарот на градот и го блокирала приодот до главните плоштади, метро станиците и државните институции.
Пристапот до мобилен интернет е ограничен низ земјата.
#Belarus #Minsk #StandWithBelarus #BelarusProtest #BelarusSolidarity #FreeBelarus #ЖывеБеларусь https://t.co/GixLTryNIY
— David Aleksander (@DavidAleks7) December 6, 2020
Белорусија ја тресе политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога низ земјата почнаа масовните антивладини протести, иницирани од официјалните резултати од гласањето според кои Лукашенко освои над 80 отсто од гласовите. Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите се украдени.
И покрај обидите на власта да ги задуши демонстрациите со апсења и репресии над демонстрантите и активистите, масовните протести не сопираат ни по повеќе од три и пол месеци.
Најмасовните протести се одржуваат во недела кога на улиците излегуваат десетици илјади демонстранти, а во една од тие недели имаше 200.000 луѓе.
Од почетокот на демонстрациите во август, најмалку четири лица беа убиени или на протестите или по апсењето. Уапсени се над 20.000 демонстранти, од кои, според групите за заштита на човековите права, илјадници се претепани.