Одборот на гувернери на таа агенција на ОН има 35 члена, а како што дознава Ројтерс од дипломатите, кои гласале зад затворени врати, за резолуцијата гласале 24 земји, Русија и Кина биле против, додека Кенија, Намибија, Индија, Пакистан, Саудиска Арабија, Јужна Африка и Виетнам биле воздржани.
„Изразуваме сериозна загриженост што Руската Федерација не ги послуша повиците на Одборот веднаш да ги прекине сите дејства против и во нуклеарните постројки во Украина и бараме тоа да го стори веднаш“, се вели во текстот на резолуцијата.
Одборот, исто така, изрази загриженост поради неприфатливиот притисок и приведувањето на украинскиот оперативен персонал во нуклеарната централа Запорожје, како и постојаните прекини на надворешното снабдување со електрична енергија по гранатирањето во околината.
Како што пишува Ројтерс, украинскиот персонал продолжува да работи со електраната Запорожје во услови за кои ИАЕА оцени дека ја загрозуваат безбедноста на централата. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето што ги оштети зградите во нуклеарната централа и ги прекина далноводите важни за ладење на горивото на реакторот и за избегнување на нуклеарно топење.
Украинскиот персонал продолжува да работи со електраната Запорожје во услови за кои ИАЕА оцени дека ја загрозуваат безбедноста на централата (Ројтерс)
Шефот на ИАЕА, Рафаел Гроси, повика на воспоставување заштитна зона околу централата, со цел да се запре гранатирањето и да се намали ризикот од катастрофална нуклеарна несреќа.