Хонг Конг го контролираше коронавирусот, па се опушти. Бројот на случаи расте

Пред само две недели, Хонг Конг делуваше како град на кој светот треба да се угледа во борбата против коронавирусот. Тој тогаш имаше релативно мал број нови случаи и покрај тоа што беше близу до епицентарот на Сарс-КоВ-2. Тоа го постигна благодарение на дејствијата што ги презема додека во Кина растеше бројот на заразени лица, јавува Си-ен-ен.

Веднаш по појавата на вирусот, овој град примени мерки што денес се познати ширум светот: мапирање на вирусот, социјално дистанцирање, засилено миење на рацете и носење маски и друга заштитна облека.

Хонг Конг беше доказ дека овие мерки функционираат, поради што градот со 7,5 милиони жители до почетокот на март имал само 150 потврдени случаи на коронавирус, додека бројот на заразени нагло растел во Јужна Кореја, Јапонија, Европа и Америка.

Сега Хонг Конг е пример од друг аспект - што се случува кога предвреме ќе се спушти штитот, пишува Си-ен-ен. Бројот на пациенти речиси е удвоен во рок од една недела од спуштањето на штитот, при што многумина се вратени во него со вирусот во себе.

Во Хонг Конг моментално има 715 случаи на зараза со коронавирус, а четири лица починале. Со денови, е пријавувано зголемување на случаите за помалку од 10, а кога се повлечени мерките, за еден ден се пријавени 65 случаи, јави Њујорк тајмс.

Така, минатиот понеделник, одлучено е оние кои не се жители на Хонг Конг да бидат иселени од него до среда, што е последен додаток на новите остри мерки на овој град.

Оваа шема се применува во некои делови на Азија - во Кина, Сингапур и Тајван - кои биле меѓу првите што успеаја да ја „скротат“ епидемијата. Сите тие сега воведуваат нови ограничувања заради ненадејниот бран на новозаболени.

Споредено со големите градови на запад, како Лондон и Њујорк, жителите на Хонг Конг можат да се чувствуваат како да живеат во иднината, бидејќи многу од мерките што денес се спроведуваат во Европа и Америка во оваа азиска метропола биле спроведени уште во февруари. Сепак, последната лекција што нè учи Хонг Конг е дека карантинот и социјалното дистанцирање мора да продолжат и после почетниот бран на заболени за да се избегне нова серија на инфекции.

По неколку недели работа од дома, повеќето вработени во Хонг Конг се вратиле во своите канцеларии на 2 март. Улиците и метроата повторно биле преполни.

Во тоа време, ова се чинело како разумна мерка. Во Италија и во други делови на светот, брзо се зголемувал бројот на новозаболени, додека во Хонг Конг имало само 100 потврдени случаи, а бројот на новозаразени започнал да се стабилизира во Кина. Поради ова, природно било луѓето донекаде да се опуштат и почнале не само да одат на работа, туку и да одат во ресторани, паркови, на свадби и други големи собири. Иако маските за лице сè уште биле честа појава, можело да се видат и некои кои се движат незаштитени, особено за време на кратки патувања и сите имале чувство дека сè полека се враќа во нормала.

Една недела откако вработените во Хонг Конг се вратиле на работа, во овој град се регистрирани уште само пет заболени, од кои повеќето се вратиле во Хонг Конг од други места. Бројот на заразени лица останал низок се до 16 март, кога биле откриени десетици нови случаи. Наскоро станало јасно дека, и покрај фактот дека повеќето од заболените допатувале во Хонг Конг, мерките на карантин не биле доволно силни и вирусот почнал да се шири меѓу локалното население.

Оттогаш, градот се обидува да се справи со новиот бран на епидемијата, па се воведени строги мерки, кои вклучуваат електронско означување на сите кои доаѓаат во Хонг Конг, кои мора да бидат подложени на двонеделен куќен карантин, а доколку не се придржуваат, можат да бидат правно гонети. За време на викендот, полицијата патролирала во областа и уапсила најмалку пет лица кои не биле во карантин.

Од понеделник, вработените повторно работат од дома, а еден од најпочитуваните владини експерти за здравство предупреди дека властите може да прогласат уште построги мерки за справување со новиот бран на инфекции.

Оние кои не се граѓани на Хонг Конг, ќе бидат иселни од неговата територија до среда. Меѓународниот аеродром нема да дозволува премин преку Хонг Конг, а сите што ќе дојдат во градот ќе треба да бидат тестирани, без разлика од каде доаѓаат. Многу барови и ресторани, исто така, ќе бидат затворени, со посебен фокус на оние што служат алкохол.

Кери Лам, лидерката на Хонг Конг, минатата сабота изјави дека градот досега „ефикасно и безбедно излегол од двата брана на епидемијата“.

„Во првиот бран бевме загрижени за преносителите од копнениот дел на Кина, затоа воведовме многу мерки. Вториот бран вклучуваше локални преносители и сега се соочуваме со трет бран“, рече Лам.

Таа додаде дека е нормално луѓето малку да се опуштат бидејќи бројот на новозаболени се намалувал, но дека „поради новите изменети околности и најтешкиот и предизвикувачки бран што доаѓа како резултат на глобалната ситуација и големиот број повратници, тие мора да се прилагодат на новите околности“.

Сингапур во неделата се одлучи за нови засилени мерки во врска со патниците кои пристигнуваат во градот, затоа што и тие исто така се справуваат со „увезени“ заболени и потенцијален втор бран. Тајван, друга територија која ефикасно се справи со почетниот бран, исто така воведува нови мерки за да се избегнат носители на заразата кои доаѓаат од други делови на светот.

Во Пекинг, сите меѓународни летови се пренасочени кон други кинески градови, бидејќи бројот на „увезени“ случаи (случаи на заразени кои пристигнале во Кина) продолжува да расте.

Азија е неколку недели пред западот во борбата против пандемијата на коронавирусот, но земјите во Европа и Северна Америка бавно учат од оние кои веќе се соочија со истиот проблем и остануваат ранливи за време на една од најголемите здравствени кризи во светот.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе