Министерката за финансии Александра ван Хуфелен кажа дека таа одлука значи дека илјадите родители кои даночната управа неправедно ги обвинила за измама ќе ги добијат сите 30.000 евра, како што им било ветено.
„Верувам дека родителите заслужуваат целосно отпишување на долговите за да можат да го користат надоместот за нов почеток“, наведе Ван Хуфелен.
Владата на Марк Руте поднесе оставка во петокот по парламентарниот извештај „Неправда без преседан“ во кој се наведува дека даночната управа со своите политики, чија цел била спречување измами во врска со исплатите на детските додатоци на родителите, ги прекршила „основните принципи на владеењето на правото“.
Со тие политики илјадници родители биле оштетени во претходните години, а голем дел од нив паднале во големи долгови.
Ван Хуфелен кажа дека преговара со приватни организации како банки и компании за обезбедување сместување за и тие да им ги отпишат долговите на оштетените родители.
Иако владата на Руте поднесе оставка, таа ќе остане на власт во технички мандат до формирање на новото мнозинство по парламентарните избори на 17 март.